Институт за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје (ИДСЦС) денеска организираше настан на тема „Закон за висока раководна служба: Кога може да очекуваме именувања по мерит?“ на кој се дискутираше процесот на носење на Законот за висока раководна служба како и за вредностите и начелата врз основа на кои треба да се води процесот на именување.
На настанот се обратија Министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити и Миша Поповиќ, Раководител на Центарот за добро управување при Институт за демократија.
Поповиќ истакна нашиот внатрешен јавен систем, институции, агенции, установи и претпријатија мора да носат резултати не само за граѓаните, туку и за меѓународните иницијативи каде Република Северна Македонија е рамноправна членка или се стреми да биде.
„Компетентни лидери на овие институции се влог на нашата земја во довербата која ни е возвратена со членството во НАТО и почетокот на преговорите со ЕУ. Меѓутоа уште позначајна причина за подобрувањето на изборот и именувањето на професионални раководни структури е потребата од градење на отпорни институции кои и во неповолни услови ќе им го подобруваат животот на граѓаните“, смета Поповиќ.
Тој додаде дека нема повеќе време да се чека и дека постојат две опции, или да го избереме постојниот пат и ќе чекаме постојано да ни се помага или ќе ги ангажираме најдобрите за да изградиме добри и отпорни институции за непредвидливиот свет.
Министерот Алити рече дека нашата држава подолго време има проблем со политизација на институциите што резултира со незадоволство кај граѓаните и дека за да се надмине овој проблем се преземени повеќе активности и мерки насочени кон администрацијата за да се воспостави мерит систем.
„Се воспоставија многу комплексни неефикасни и скапи процедури кои доведува до тоа администрацијата повеќе да се занимава со самата себе отколку со проблемите на граѓаните. Овие акти не дадоа резултати бидејќи ние цело време се обидуваме да ги решиме последиците а не изворот на проблемот, а тоа се раководните позиции. Свесни за проблемите кои произлегуваат во оние институции и придонесуваат кон политизација на самите институции, веќе неколку години работиме на подготовка на Законот за висока раководна служба. Со овој закон се прави разграничување на политичките од менаџерските позиции во институции. Се поставува механизам на селекција базиран на заслуги, се предвидува процедура за следење и оценување, а се лимитира можноста за злоупотреба“, вели Алити.
Тој изрази убедување дека со донесувањето на законот ќе се постигне професионализација, деполитизација на администрацијата, процедурите ќе се поедностават и ќе има поголема ефикасност на институциите и на услугите што им ги нудат на граѓаните.
Настанот беше организиран во рамки на проектот „Поттикнување на јавната дебата за антикорупција“ поддржан од Националниот фонд за демократија. Проектот цели кон поддржување на реформскиот процес во Северна Македонија преку зајакнување на реформската агенда во областа на владеењето на правото.