Активното учество на пратениците во парламентарниот живот е од особено значење, затоа подобрувањето на работата на Собранието значи активно учество на сите парламентарни партии, соодветни консултации и проценка на влијанието пред донесувањето на законодавството. Развивањето на активна политичка култура на аргументирана и конструктивна дебата е важна, затоа што таа овозможува донесување квалитетни закони од значење за граѓаните. Потребно е надминување на ваквата состојба со цел развивање вистинска парламентарна култура со одговорни и активни пратеници.
Загрижувачките деловнички злоупотреби може да се спречат преку измени на деловникот, односно преку внесување одредби со кои квалификуваното малцинство би можело да иницира пролонгирање на дебатата или целосен престанок на расправата. Притоа, истиот механизам не смее да го попречи правото на опозицијата ефективно да учествува во дебатата. Овој механизам, исто така, мора да се користи само во случај на загрижувачки и деструктивни форми на филибастеринг што би било оценка на самото Собрание.
Спречувањето на деловничките злоупотреби и филибастерингот може да се постигне преку ефективно вклучување на опозицијата во самото раководење на Собранието. Определувањето на бројот на потпретседатели може да придонесе кон подобра застапеност на опозициски партии во раководството на Собранието. Дополнително, потребен е механизам за избор на потпретседатели кој е со помал праг за избор од апсолутно мнозинство.
Раководењето на Собранието и определувањето на агендата мора да се постигне со консензус. Формирањето колективно тело во чиј состав ќе бидат вклучени претседателот, потпретседателите и претставниците на политичките групи во Собранието ќе придонесе за поефективна контрола на надлежностите на претседателот. Ова тело, исто така, мора да има моќ за одлучување и определени надлежности.
Заклучно, кога станува збор за надминување политички кризи „главните политички партии треба да најдат механизам за надминување на идните кризи во случаи кога опозицијата користи бојкот…“ Во овие случаи интересот на граѓаните мора да биде во прв ред, пред партискиот интерес. Во делиберативната демократија сите политички актери имаат одговорност да дадат свој придонес кон ефективниот процес на донесување одлуки во интерес на граѓаните, а во функција на заштита на демократијата и владеењето на правото.
Целиот полиси бриф може да го прочитате тука:
Кон поефикасно и конструктивно Собрание низ деловнички измени