Институт за демократија ја одржа петтата работилница за стратешко планирање со институциите и граѓанските организации вклучени во борбата против корупцијата.
Работилницата е дел од процесот на долгорочно стратешко планирање како институциите да се справат со современите предизвици кои ги носи борбата против корупцијата. Процесот вклучува преглед на постоечките стратегии и процедури за борба против корупцијата на институциите, како и клучните општествени процеси, фактори и актери кои ќе влијаат врз борбата против корупцијата до 2030 година.
Во оваа фаза од стратешкото планирање антикорупциските институции и граѓанските организации ги ревидираа двете сценарија за борбата против корупцијата во 2030 година, кои беа креирани на претходните работилници врз основа на развојот, начинот и нивото на влијание на релевантните фактори и актери врз борбата против корупцијата во наредните осум години.
На работилницата присуствува претставници на Државната комисија за спречување на корупцијата, Државниот завод за ревизија, Комисијата за заштита на конкуренцијата, Регулаторната комисија за енергетика, Управата за финансиска полиција, Управата за јавни приходи, Царинската управа и претставници на граѓански организации.
Ова е петтата од неколкуте предвидени работилници во рамки на проектот „Поттикнување на јавната дебата за антикорупција“ преку кој Институт за демократија ќе работи заедно со антикорупциските институции и граѓанското општество на креирање на планови за справување со предизвиците кои ги носи иднината на борбата против корупцијата.
Проектот „Поттикнување на јавната дебата за антикорупција“ цели кон поддржување на реформскиот процес во Северна Македонија преку зајакнување на реформската агенда во областа на владеењето на правото. Проектот е поддржан од Националниот фонд за демократија (National endowment for democracy – NED).