Институт за демократија, во рамки на Програмата за парламентарна поддршка денеска во Собранието, за пратениците и претставниците на собраниските службите, организираше презентација на резултатите од теренската анкета за работата на Собранието на Република Северна Македонија реализирана во периодот од 19 февруари до 10 март 2022 година.
Извештајот ги анализира перцепциите на граѓаните за работата на Собранието генерално, почнувајќи од довербата во Собранието во споредба со другите власти, надзорната улога на Собранието, кого претставуваат пратениците, функциите на Собранието, информираноста за работата на законодавниот дом, како и други реформски процеси клучни за унапредување на работата на Собранието.
Настанот го отворија Роберт Скот Хејзлет, тим лидер на Програмата за парламентарна поддршка (ПСП) и Марко Трошановски, Претседател на Институт за демократија (ИДСЦС).
Хејзлет рече истражувањето покажува дека 63% од граѓаните сметаат дека државата се движи во погрешна насока, само 28% сметаат дека земјата оди во вистинска насока.
„Но граѓаните исто така сметаат дека Собранието игра значајна улога во политичкиот живот. Така се изјасниле 71% од граѓаните. Високи 59% од граѓаните веруваат дека секоја одлука во преговорите помеѓу Македонија и Бугарија треба да се договори во Собрание“, вели Хејзлет.
Трошановски потенцираше дека ова е најдолготрајното истражување на тема или институција која што постои во земјата.
„Веќе 13 години се следи перцепцијата на јавноста за работата на Собранието и мислам дека е бесценета дата база која што покажува како граѓаните гледаат на Собранието. Длабински ако навлеземе во податоците доаѓаме до заклучок дека граѓаните не сметаат дека Собранието во сите свои функции најдобро ја одразува својата цел. Со исклучок на 2010 година, оваа година имаме најниска оценка за работата на Собранието. Највисоката оценка до сега, од 3,4 покажа извештајот за 2017 година. Од тогаш има тренд на нагло а потоа и поблаго намалување на оценката на граѓаните за работата на Собранието“, нагласи Трошановски.
На скалата од 1 – најлошо, до 5 – најдобро, во 2022 година граѓаните ја оценија работата на Собранието со средна оценка 2,5 која бележи благ пад на скалата, споредено со изминатите четири години.
Перцепцијата на мнозинството граѓани е дека Собранието не ја извршува докрај својата надзорна улога, односно 27% од испитаниците сметаат дека Владата има целосна контрола над Собранието. Дополнително, над една третина (36%) од испитаниците сметаат дека Собранието ја зголемува корупцијата, наместо спротивниот ефект. Имајќи ги предвид пратеничките прашања како една од алатките на Собранието за надзор над извршната власт, граѓаните се поделени во однос на тоа дали тие се користат соодветно или служат само за критика или реклама.
Донесувањето на што поквалитетни закони, надгледувањето над трошењето на буџетот и грижата за имплементирањето на законите и политиките, се посочени како најважни функции на Собранието од страна на најголем дел од граѓаните. Сепак, нивното извршување од страна на Собранието е оценето како незадоволително од страна на мнозинството граѓани.
Во поглед на отвореноста на Собранието кон јавноста, најголем дел од испитаниците сметаат дека Собранието е целосно или делумно затворено за јавноста, а пратениците не ги земаат предвид забелешките на јавноста при изработката на законите.
Испитаниците се релативно поделени околу впечатокот во која мерка пратениците ги претставуваат интересите на граѓаните во Собранието. Од друга страна, најголем дел од нив сметаат дека пратениците секогаш ги застапуваат нивните лични интереси, интересите на политичките партии, како и бизнис-интересите.
Мнозинството граѓани не го поддржуваат бојкотот на работата на Собранието ниту развлекување и одолговлекување на дебата за да не се донесе некој закон или одлука како исправни начини за искажување политички ставови во работата на Собранието. Дополнително, граѓаните очекуваат дебата во Собранието за најважните политички процеси во државата. Повеќе од половина (59%) целосно или делумно се согласуваат со изјавата дека „за секоја одлука во врска со преговорите и односите меѓу Северна Македонија и Бугарија треба да се одлучува во Собранието.“
За време на презентацијата, пратениците дискутираа за потребата за деловнички промени во насока на обезбедување на подобра собраниска дебата, без бојкоти, ограничувања и развлекување во дискусиите.
Настанот се одржа под покровителство на Програмата за парламентарна поддршка (ПСП) на Собранието на Република Северна Македонија, финансирана од Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ) преку Швајцарска Амбасада во Република Северна Македонија.
Извештајот на македонски јазик може да го прочитате тука:
Извештајот на албански јазик може да го прочитате тука:
Извештајот на англиски јазик може да го прочитате тука:
Презентацијата од настанот може да ја погледнете тука.