logo

ИДСЦС, МЦМС и СЕЛДИ го одржаа регионалниот форум „Борбата против корупција: Западен Балкан во фокус“

Share on facebook
Share on twitter

Институт за демократија „Социетас Цивилис“, Македонски центар за меѓународна соработка и Лидерството за развој и интегритет во Југоисточна Европа (SELDI) денеска го одржаа регионалниот форум: Борбата против корупција: Западен Балкан во фокус“ (The Fight Against Corruption: The Western Balkans in Focus).

Настанот беше поддржан од Европската Унија, Амбасадата на САД во Северна Македонија и УСАИД преку Проектот за граѓанско учество.

Целта на настанот беше да даде поттик на тековните и неопходни антикорупциски реформи и да обезбеди простор за дискусија за начините за подобрување на соработката меѓу меѓународните, владините и граѓанските актери.

Форумот го отворија Марко Трошановски, претседател на ИДСЦС, Александар Кржаловски, директор на МЦМС, Амбасадорката на САД во Северна Македонија, Кејт Мари Брнз и Алан Џонс, од Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување на Европската комисија.

Кржаловски потенцираше дека целта на оваа конференција е да го задржи фокусот на борбата против корупција високо на агендите на земјите од Западен Балкан.

„Светот во моментот се соочува со голем проблем, војната во Украина и сите треба да направиме се што можеме за војната да запре и да се врати стабилноста. Но исто така треба да го задржиме нашето внимание и напори на други проблеми и приоритети како корупцијата“, рече Кржаловски.

Трошановски истакна дека можеби најважните корозивни елементи на отпорноста и стабилноста на регионот се недоволните резултати во однос на доброто владеење, владеењето на правото и борбата против корупцијата и организираниот криминал.

„Заробената држава и притисокот од корупција продолжуваат да бидат големи и иако постојат острови на интегритет (и системски и индивидуален), недостига интегритетот на владеење што континуирано ќе ги поттикнува позитивните општествени промени, иако правната рамка е претежно задоволителна“, вели Трошановски.

Намалувањето на корупцијата ја зајакнува националната безбедност, смета Амбасадорката Брнз.

„Кога граѓаните на една нација чувствуваат дека не можат да успеат во нивниот сопствен систем поради корумпирани службеници и корумпирани практики, гледаме опасни ефекти. Корупцијата служи како двигател кон лажни, па дури и насилни и екстремистички наративи. Корупцијата ја нагризува довербата на граѓаните во институциите. САД инвестираа многу во правосудниот систем на Северна Македонија за да ги затворат ранливите празнини. Остануваме посветени на тоа стратешко партнерство и се надеваме дека ќе продолжиме да гледаме дека инвестициите што ги направивме заедно, ќе се исплатат со систем кој обезбедува еднаков пристап до правдата за сите“, рече Брнз.

Џонс истакна дека корупцијата влијае на сите аспекти од нашето општество, пречка е за целосно уживање на човековите права, го поткопува владеењето на правото, демократијата и економскиот раст и го помага организираниот криминал.

„Сите сме свесни за ефектите кои што ги има корупцијата и зошто е важно да ги зголемиме напорите за да се бориме против оваа појава. Руската војна во Украина ја покажува повеќе од било кога важноста на отпорните и стабилните општества. Убедени сме дека доброто владеење,  владеењето на правото и цврстите демократски институции се столбови на едно општество, а тие се многу важни и за безбедноста“, додаде Џонс.

Антикорупциска дипломатија со трансатлантските партнери беше темата на првата сесија на која се обратија Руслан Стефанов од Центарот за проучување на демократијата, Никола Буразер, Програмскиот директор на Центарот за современа политика и Снежана Петијевиќ Програмски менаџер на КРИК, а сесијата ја модерираше Миша Поповиќ од Институт за демократија. На сесијата се дискутираше кои треба да бидат клучните приоритети, модалитети и активности што треба да ги има антикорупциската дипломатија во Западен Балкан.

На втората сесија се обратија министрите за правда од Западен Балкан кои зборуваа за проширување на антикорупциската соработка меѓу владите. На панелот присуствуваа заменик-министерот за правда на Северна Македонија, Агим Нухиу, на Албанија Улси Мања, на Косово Албунела Хаџиу и Бојан Божовиќ Државен секретар при Министерството за правда на Црна Гора.

На третата сесија Александар Герганов, виш аналитичар од Центар за проучување на демократијата презентираше податоци за корупциски трендови во Западен Балкан 2014-2021.

На последната сесија за време на Форумот насловена како „Стратешки партнерства за помош против корупција во Западен Балкан“ говореа Војтек Хонс, од Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување на Европската комисија, претседателката на Антикорупциска комисија на Северна Македонија, Билјана Ивановска, директорката на Антикорупциска агенција на Црна Гора, Јелена Перовиќ, Ровена Сулстарова од Институтот за демократија и медијација од Албанија, Андрија Младеновиќ од Центарот за европски политики на Србија, Викторија Нестероваит од Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал (УНОДЦ) и Ана Џурниќ од Институт Алтернатива од Црна Гора.

 

Видео од конференцијата може да погледнете тука:

Поврзани објави