Транспарентноста на финансиските активности на политичките партии е неопходна за нивна отчетност пред граѓаните за парите кои ги добиваат од државниот буџет и за идентификување на потенцијални влијанија од приватни донатори. Податоците за изворите и трошењата на парите на партиите треба навремено да се објавени, во формат кој е лесно достапен и разбирлив за сите засегнати страни.
Европските трендови укажуваат на тоа дека насоката во која треба да се развива транспарентноста на политичките партии е дигитализација и олеснет пристап до податоците за финансиските активности на партиите. Примерите од Естонија и Обединетото Kралство на Велика Британија и Северна Ирска (понатаму: Обединето Кралство) покажуваат современа и сеопфатна презентација на податоците за финансиите на политичките партии. Онлајн порталите за финансиска транспарентност и отчетност на политичките партии, кои ги воспоставуваат надлежните тела во овие земји, ги презентираат информациите во лесно достапна, пребарлива и читлива форма. Во Естонија, Обединетото Кралство и Германија државните институции играат важна улога во олеснувањето на пристапот на граѓаните до податоците за финансиите на политичките партии. Надлежните институции за надзор врз финансирањето на политичките партии ги објавуваат податоците на стандардизиран начин на своите веб-страници што овозможува споредување помеѓу финансиите на различните партии и кандидати.
За разлика од европските примери, практиката во Република Северна Македонија покажува дека податоците за финансиските активности на најголемите политички партии не се лесно достапни и, најчесто, се објавени во формат кој не е пребарлив и разбирлив за граѓаните. Овој бриф споделува добри примери од три европски земји со цел да послужат за унапредување на финансиската транспарентност на партиите и учесниците во изборните процеси во Република Северна Македонија.
Прочитајте го целиот бриф тука:
Најдобри европски практики на финансиска транспарентност на политичките партии