logo

Како до подобра превенција и заштита при борбата против трговија со луѓе? Настан организиран во рамки на Радарот за организиран криминал за Западен Балкан

Share on facebook
Share on twitter

Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ по повод одбележување на Европскиот ден на жртвите од криминал, 22 февруари, одржа онлајн настан насловен како Борбата против трговија со луѓе во Северна Македонија: Како до подобра превенција и заштита?

Целта на овој настан беше актуелизирање на проблемот со борбата против трговијата со луѓе во Северна Македонија, увид во актуелната состојба и препораки за подобрување.

Поздравно обраќање на настанот даде Марко Трошановски, Претседател на Институт за демократија кој истакна дека идејата на проектот Радар за организиран криминал за Западен Балкан е да се креира и создаде сензибилизација на јавноста и јавен притисок кон Владите на Западен Балкан во борбата против организираниот криминал.

„Проектот се стреми да ја зајакне улогата на граѓанското општество во борбата против организираниот криминал во Западен Балкан со цел да придонесе во развој на ефективни и долгорочни политики против организираниот криминал со оглед на пристапните преговори со ЕУ, особено во рамки на Поглавјето 24“, рече Трошановски.

На дискусијата се обрати Јован Андоновски, заменик на Народниот правобранител кој рече дека трговијата со луѓе спаѓа во организиран криминал кој има многу облици, методи и средства за извршување.

„Во текот на 2021 констатиравме дека од надлежните институции се идентификувале 48 жртви од трговија со луѓе. 39 жртви со потекло од Тајван додека потеклото на останатите се три деца од Скопје, двајца возрасни од Велес, една постара жртва од Русија и по едно дете од Куманово, Кичево и Прилеп. Жртвите се од женски пол со исклучок на едно машко дете. Во 2021 идентификувани се две наши државјанки кои се експлоатирани во Белгија и БиХ. Жени и девојчиња се жртви на двојна експлоатација, сексуална и трудова“, истакна Андоновски.

Уранија Пировска, Извршна директорка на Хелсиншки комитет за човекови права потенцираше дека нашата држава во извештајот на Стејт Департманот е обележана како држава која што не ги исполнува минималните стандарди за да може да се справува со овој феномен.

„Без оглед колку добро стоиме со легислативата и имаме воспоставени структури, факт е дека нешто тука не функционира и дека оние кои што им е дадена задачата да го спроведуваат законот не го прават на начин на кој што би довел до позитивен исход. Доколку системот би им ја дал на потенцијалните жртви онаа базична заштитата кои што им е потребна како ранлива категорија не би довело до тоа да бидат жртви на трговија со луѓе“, рече Пировска

Отворена порта/ Ла страда во рамките на директната поддршка, води центар за жртви од трговија со луѓе каде што жртвите може да добијат психо-социјална, емоционална поддршка, безбедно сместување, добиваат правна заштита и застапување во судски процеси како и медицинска помош, рече Јасмина Д. Рајковска, Извршна директорка на Отворена порта / Ла страда

„Нивото на превенција од овој феномен може да биде примарно, секундарно или терцијално. Примарна превенција е насочена кон намалување на ризикот од трговија со луѓе има цел да ја зголеми свеста на јавноста. Секундарна превенција е насочена кон намалување на ризикот помеѓу ризичните категории, односно потенцијалните жртви. Терцијалната превенција е насочена кон решавање на постоечките проблеми односно превенција од  понатамошно развивање на проблемот“, додаде Рајковска.

Настанот го затвори Светлана Влаховиќ Димановска, Заменик национален координатор за борба против трговија со луѓе која потенцираше дека бројот на жртви од трговија со луѓе не е само статистика туку зад нив стојат човечки сурови судбини на кои им треба помош и заштита.

„Трговијата со луѓе е еден од најпрофитабилните бизниси и мотивот се парите. Потребно е зголемување на свеста, пренесување на пораката дека секој од нас е дел од широкиот фронт за борба против трговија со луѓе. Да не ги затвораме очите пред оваа сурова реалност и да преземеме соодветни чекори“, рече Влаховиќ Димановска.

Дискусии со слична тематика се организираа симултано во сите земји од регионот како дел од низата активности организирани и спроведени од страна на организациите партнери на мрежата Радар за организиран криминал на Западен Балкан.

Целта на мрежата е придонес кон ефикасна борба против организираниот криминал во земјите од Западен Балкан, која е една од приоритетните области во процесот на пристапување на регионот во ЕУ, особено во рамки на поглавјето 24 за Правда, слобода и безбедност. Мрежата и спроведувањето на активностите е поддржано од Амбасадата на Холандија во Белград, Балкански фонд за демократија и Норвешката амбасада во Белград.

Видеото од дискусијата може да го погледнете тука:

Поврзани објави