logo

Бидете подготвени за зимски услови и поплави

Share on facebook
Share on twitter

Справувањето со ризици и опасности од катастрофи е обврска и на институциите и на граѓаните. Добрата подготвеност на граѓаните може значително да придонесе за сопствената и отпорноста на заедницата. Во случај на несреќа граѓаните можат први да одговорат и да си помогнат и себеси и на другите.

Различни катастрофи бараат различни постапки со кои ќе се заштитите. Бидете информирани како да го напуштите објектот во кој се наоѓате и каде да се засолните. Чувајте резерви со храна, вода, пари за итни случаи и основна прва помош. Имајте ги личните документи и документите за имотот секогаш на дофат.

 

Како да бидете подготвени за зима и студено време?

Кога е студено, со ниски температури, мраз и многу снег, информирајте се за временската прогноза, следете ги известувањата од надлежните институции и соодветно планирајте ги вашите активности.

Ваша обврска е да го исчистите снегот пред домот или деловниот објект, како и од покривот. Општината има обврска да ги чисти улиците, јавните површини и тротоари. Особено внимавајте на појава на мразулци и обидете се да ги отстраните.

Доколку се движите низ длабок снег, не брзајте, не се преоптоварувајте и внимавајте на падини со косина над 25 степени. По замрзната површина движете со внимателно со помали чекори, а ако се лизнете, обидете се да паднете странично.

Добро испланирајте го вашето патување надвор од градските средини во согласност со временските услови и прогнози. Избегнувајте да патувате во раните утрински и доцните вечерни часови. Доколку користите возило, навремено проверете дали е подготвено за зимски услови на патиштата, дали имате зимски гуми, зимска опрема и зимски прибор (синџири, мала лопата, гребалка за мраз, метличка за снег, кабли за влечење и за стартување на возилото, ќебе, батерии, ракавици).

 

Како да бидете подготвени за поплава?

Доколку се акумулираат големи количини на снег, а пролетното затоплување е брзо, тогаш топењето на снежната покривка може да создаде ненадејна и голема опасност од поплави. Поплави може да предизвикаат и екстремни врнежи од дожд во краток период кои што го надминуваат капацитет на почвата да ја апсорбира водата.

Неодамнешните поплави на кејот на Вардар во општина Аеродром се мал показател дека ваквите ризици може брзо да ни станат реалност.

Информирајте се за опасноста од поплави во вашата средина, особено доколку живеете покрај речни корита или потоци, во крајбрежните појаси на езерата и акумулациите или во близина на брани.

Избегнувајте градење нови објекти во места со ризик од поплава, а постоечките објекти зајакнете ги за заштита во случај на поплава. Осигурете го својот имот и сопственост од ризикот од поплави.

Не фрлајте смет и предмети во речните корита, потоците, каналите, суводолиците, пороите, шахтите и атмосферската канализација, бидејќи нивното затнување може да предизвика сериозни последици.

Доколку добиете информација за поплава или во случај на надоаѓачка поплава, веднаш организирано напуштете го објектот, а доколку не можете да го направите тоа тогаш качете се на погорните спратови. Доколку сте на отворено, веднаш засолнете се на повисока локација. Не одете низ вода која се движи (15 сантиметри длабока вода може да ве собори на земја)

 

Телефонски броеви за итни повици

Информирајте се за состојбите во вашата средина, кои се потенцијалните опасности, ризици и закани во местото во кое што живеете. Доколку се случи некоја несреќа ова се телефонските броеви за итни повици:

  • 195 Центар за управување со кризи
  • 194 Итна медицинска помош
  • 193 Територијални противпожарни единици
  • 192 Полиција

 

Пред неколку дена се воведе Единствениот Европски повикувачки број 112 кој е нов и единствен број за повикување помош за каков било вид на итни и кризни состојби.

Подготвеноста може да спаси животи, нашиот и на другите околу нас.

Институт за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје, преку проектот „Подобрен капацитет за управување со кризи на општините во Северна Македонија“, им помага на општините во развојот на стратегии и планови за превенција и управување со кризи и ги информира граѓаните за начините на кои тие можат да придонесат во намалувањето на ризикот од катастрофи.

Поврзани објави