Институт за демократија, од јуни 2014 година, го следи квалитетот на дебатата во Собранието и работата на Собранието генерално. Од јануари 2020 година, почнува четвртиот циклус на мониторинг, во рамки на Програмата за парламентарна поддршка (ПСП), која се спроведува во партнерство со Националниот демократски институт (НДИ) и Центарот за управување со промени (ЦУП).
Во периодот јули – декември 2021, набљудувањето се фокусираше на дискусиите кои се однесуваат на точки од собранискиот дневен ред кои спаѓаат во областите на владеење на право, човековите права и демократија.
Извештајот за овој период покажува релативно ниско ниво на квалитетот на дебатата во Собранието и го потврдува заклучокот дека постои простор за значително подобрување. На скала од 1 до 10 (1-најнизок, 10-највисок), средната оценка на квалитетот на дебатата во Собранието во второто полугодие на 2021 е 5,4 што споредено со претходниот период на набљудување бележи влошување во сите параметри. Средната оценка за периодот јануари – јуни 2021 беше 5,6.
Генерално се забележува влошување на нивото на аргументирање од страна на учесниците во дискусијата во Собранието. Говорниците во 52% од нивните излагања немаа аргументи, додека во 41% слабо аргументираа. Еден или повеќе аргументи се забележани во 7% од дискусијата.
Во овој период на известување, во набљудуваните дискусии беше забележана промена на став кај 9 пратеници поради подобри аргументи на соговорниците за точката на дневен ред.
Надзорната улога на Собранието во периодот јули – декември 2021 година, остана во втор план. Во овој период се одржа само една седница на пратенички прашања, со што се ограничуваше можноста на Собранието за контрола и надзор на извршната власт, додека надзорна седница не се одржа ниту една.
Поактивни со вклучување во дискусиите биле пратениците од опозицијата, кои учествувале во 62% од набљудуваните дискусии, додека пратениците од власта учествувале во 38%. Најчесто за збор се јавувале и најдолго на пратеничката говорница се задржувале пратениците Бојан Стојаноски и Панчо Минов.
Извештајот го потврдува и константно нискиот осврт на пратениците кон правата на маргинализираните групи, низ сите периоди на набљудување. Забележано е дека пратениците во речиси 86,8% од нивната дискусија, не се осврнуваат кон правата на маргинализираните групи, доколку специфично не се дискутира за одреден закон или тема на дневен ред поврзано за нивните права.
Културата на дебатирање на пратениците во нашето Собрание, поткрепена со јасни и цврсти аргументи со кои директно се поддржува застапуваниот став, е на релативно ниско ниво. Затоа во овој Извештај се вклучени и неколку препораки, но и достапни алатки кои им стојат на располагање на пратениците за постигнување на повисоко ниво на квалитет на дебата.
Извештајот на македонски јазик може да го прочитате тука:
Поглед на Собрание: Извештај од набљудувањето на квалитетот на дебатата во Собранието (јули – декември 2021)
Извештајот на албански јазик можете да го прочитате тука:
Kuvendi nёn thjerrёz: Raport nga monitorimi i cilёsisё sё debatit nё Kuvend (korrik – dhjetor 2021)
Извештајот на англиски јазик можете да го прочитате тука:
Parliament Watch: Monitoring report on the debate quality in the Parliament (July – December 2021)