Институт за демократија “Социетас Цивилис” – Скопје организираше работна средба со клучните чинители во борбата против корупцијата. На средбата беше разговарано за идните активности во рамките на проектот „Промовирање на јавна дебата за антикорупција“ кој цели заедно со институциите да воспостави стратешка и долгорочна визија за развој на институциите со цел пресретнување на идните процеси и форми на корупција. Преку проектот, институциите и ИДСЦС ќе работат на преглед на клучните општествени процеси кои ќе влијаат во борбата против корупцијата до 2030 година, а врз основа на тоа ќе се изработат и планови како институциите да се справат со современите предизвиции кои ги носи борбата против корупцијата.
На средбата присуствуваа Заменикот на Претседателот на Владата за борба против корупцијата и криминал, одржлив развој и човечки ресурси; Основната јавна обвинителка за гонење на организиран криминал и корупција; Претседателите на Државната комисија за спречување на корупцијата, Инспекцискиот совет и Комисијата за заштита на конкуренцијата; Директорот на Управата за финансиска полиција; како и претставници на Царинската управа и Регулаторната комисија за енергетика. Учесниците на средбата споделија ставови за што носи иднината за борбата против корупцијата и како антикорупциските институции можат да ги зајакнат своите капацитети.
Проектот „Промовирање на јавна дебата за антикорупција“ цели кон поддржување на реформскиот процес во Северна Македонија преку зајакнување на реформската агенда во областа на владеењето на правото. Проектот е поддржан од Националниот фонд за демократија (National endowment for democracy – NED).