logo

ИДСЦС ја организираше дискусијата „Превенција или реакција: улогата на општините при намалување на ризици од несреќи и катастрофи“

Share on facebook
Share on twitter

Институт за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје (ИДСЦС) денеска организираше модерирана дискусија „Превенција или реакција: улогата на општините при намалување на ризици од несреќи и катастрофи“ посветена на локалните капацитети за управување со кризи во Република Северна Македонија.

Настанот го отворија Ивана Најдоска, Програмска директорка на ИДСЦС и Ендру Бренд, Раководител на програма во Британската Амбасада во Скопје.

Најдоска потенцираше дека локалните власти треба да балансираат меѓу превенирање и реакција на можноста за непогоди и катастрофи.

„Заштитата и подготвеноста се најважни, така што акцентот треба да биде ставен на превенција и интензивно инвестирање во системот за управување со кризи за соодветни реакции. Во процесите на донесување политики, економски и развојни одлуки мора да бидат земени предвид потенцијалните ризици од непогоди и катастрофи. Потребен е јасен и транспарентен процес на проверка од потенцијални ризици при носење на секоја одлука“, смета Најдоска.

Бренд во своето обраќање истакна дека додека светот се справува со ефектите од коронавирусот, a опасностите од глобалното затоплување станаа поочигледни.

„Ова лето бевме сведоци на големи шумски пожари во Северна Македонија. Toa има долгорочни ефекти и врз климата и врз егзистенцијата на локалното население. Националните влади треба однапред да планираат и да се подготват за вакви итни ситуации. Локалните власти треба да планираат стратешки и да можат брзо да одговорат на овие кризи. Начинот на кој јавноста реагира на криза има значително влијание врз нејзиниот исход. Граѓаните треба да бидат информирани и свесни, а ефективната координација помеѓу националните и локалните власти е од клучно значење кога се справуваме со кризи“, рече Бренд.

Превенцијата е далеку поевтина од санацијата, нагласи Миша Поповиќ, раководител на Центарот за добро управување при ИДСЦС.

„Ние често пати велиме дека е подобро да се спречи отколку да се лечи, но не се инвестира доволно во превентивна инфраструктура и градење капацитетот за подготвеност за да се намалат штетите кога ќе се случи некоја криза. Идеjата на проектот е да се апострофира потребата од превенција. Општините сe првите кои што треба да извадат ресурси на терен за да работат на заштита и спасување. Секоја одлука која што ја носи општината потенцијално може да помогне или да го засили ризикот од катастрофи. Во начинот на планирање и носење на генерални одлуки на општината мора да се внесе управување базирано на ризици“, додаде Поповиќ.

За време на модерираната дискусија се обратија градоначалниците на Општина Конче и општина Струмица, Златко Ристов и Костадин Костадинов, извршната директорка на ЗЕЛС, Душица Перишиќ, консултантот за кризен менаџмент Васко Поповски, Раководителката на Центарот за развој на источен плански регион Зујица Ангелова, Раководителот на Центарот за развој на скопски плански регион Љупчо Мицковски, Раководителката на Центарот за развој на југоисточен плански регион Жулиета Ѓуркова, како и Александар Крстевски и Назми Јусуфи, претставници од општините Куманово и Гостивар.

Дискусијата беше организирана во рамките на проектот „Подобрен капацитет за управување со кризи на општините во Северна Македонија“ кој Институт за демократија го спроведува со поддршка од Обединетото Кралство, преку Британската Амбасада во Скопје. Проектот цели кон зајакнување на стратешкото управување со кризи во осум избрани општини, и прикажување на процесот на развој на локални стратешки планови за намалување на ризици од несреќи и катастрофи.

Поврзани објави