Процесот од дизајнирање до производство на нов автомобил трае околу десетина години. За инженерите и дизајнерите трикот е да направат автомобил не за потрошувачите денес, туку за пазарот, онаков каков што може да биде за една деценија отсега. Овој процес вообичаено се нарекува foresight, а кај нас, во оваа смисла би го превеле како далекувидост. Целта не е апсолутно да се предвиди иднината, туку низ еден процес на размислување да се замислат неколку можни иднини.
Кај нас, во креирањето на јавните политики, развивањето на стратешките планови тргнува од денешницата. Во анализата влегуваат сегашните проблеми, состојбите и капацитетите врз база на кои се креираат активности. Процесот на стратешко планирање е важен и неодминлив дел од доброто управување. Носењето одлуки вон стратешката рамка внесува доза на арбитрарност и непредвидливост на планирањето.
Меѓутоа, стратешкото планирање, вкоренето во денешницата, тешко ги антиципира проблемите што денес се непостоечки или проблеми што ги насетуваме, но е тешко да се предвидат. Оттука, тие најчесто отсуствуваат од стратешките планови. Далекувидоста, како метод на планирање не се занимава со предвидување. Напротив, богатството на далекувидоста претставува вклучување нa можните сценарија заедно со веројатните за да им овозможи прилагодливост на организациите на повеќе сценарија. Така на пример, ако во 2019 година планиравме како ќе се развиваат странските инвестиции на Западен Балкан, ако ги разгледувавме веројатните сценарија, ниту едно немаше да содржи глобална пандемија или сличен настан што предизвикува фундаментални пореметувања. Но, при добра далекувидна анализа, веројатно е дека ќе вклучите настани на радикални пореметувања, па таквата визија за иднината денес ќе беше поверодостојна за планирање. Токму затоа, далекувидното планирање има важност во креирањето на јавните политики, бидејќи обезбедува дополнителна димензија, а со тоа и одговорно креирање политики за корист на идните генерации.
Но стратегизирањето од позиција на иднината има дополнителна вредност кога е применето на антикорупцијата. Не само што поаѓа од идните капацитети туку антикорупциското делување мора да се подготвува и за идните форми што корупцијата може да ги има. Така, борбата против корупцијата мора да се подготвува за повеќе можни сценарија, како на пример успехот или неуспехот на „Отворен Балкан“ и позитивните и негативните ефекти од таа интеграција на пазарот и дерегулацијата, успехот или неуспехот на криптовалутите, миграциите и човечкиот капитал, успесите или неуспесите во борбата против организираниот криминал и многу други фактори, домашни и странски што влијаат на корупцијата и институционалниот развој во земјата.
Мемото за јавна политика на албански јазик може да го прочитате тука:
Strategji për të ardhmen: Mënyra të reja të planifikimit të luftës kundër korrupsionit
Мемото за јавна политика на англиски јазик може да го прочитате тука:
Strategizing from the future: A new way of planning the fight against corruption in North Macedonia
—
Проектот „Антикорупциски разговори во Парламентот“ (Anti-Corruption Talk in Parliament (ACT in Parliament)) вклучува истражувачки и застапувачки активности со примарна цел поддршка на реформскиот процес во Северна Македонија преку засилување на надзорната улога на Собранието во однос на борбата против корупцијата.
Проектот е поддржан од страна на Националниот фонд за демократија (National Endowment for Democracy – NED) од Соединетите Американски Држави. За содржината одговорен е ИДСЦС и во никој случај не ги отсликува позициите на Националниот фонд за демократија (National Endowment for Democracy – NED).