logo

Антикорупциската комисија во извештајот на Европската комисија

Share on facebook
Share on twitter

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) e превентивна, самостојна и независна. ДКСК ги дополнува институциите што ја гонат корупцијата, преку водење поединечни постапки, развој на политики и законодавството. ДКСК првично е превентивно тело и согласно со законските одредби има ограничени надлежности за спроведување мерки при прекршување на законот. Токму затоа успехот во борбата против корупцијата зависи од соработката со извршната и судската власт.

Во извештајот на Европската комисија за Северна Македонија нотирано е проактивното работење на ДКСК. Комисијата нотира напредок во борбата против корупцијата преку зголемување на учинокот за истражување, гонење и судење случаи на корупција на високо ниво. Овој заклучок се надополнува на минатогодишниот извештај, каде што е забележано дека ДКСК континуирано работи на отворање и решавање случаи во нејзина надлежност, вклучително и случаи за функционери од високо ниво на службеници. Предлозите за измени во процесите на вработување во јавните институции во насока на поголема транспарентност и вработување засновани на заслуги се, исто така, оценети позитивно.

Во извештајот се забележува дека се обезбедени нови просторни услови за работа на Комисијата, но се препорачува државата да демонстрира политичка волја за борбата против корупцијата со тоа што ќе им дава натамошна поддршка на релевантните тела. Покрај поддршката со финансиски и човечки ресурси, да обезбеди и упатства за државните институции за справување со корупцијата коишто ќе бидат базирани и во согласност со препораките на ДКСК.

За успешна борба против корупцијата е потребно вклучување на сите релевантни институции. Државата треба да демонстрира политичка волја и да обезбеди поддршка и пристап до сите чинители. Притоа ДКСК мора ефикасно да соработува со преостанатите актери, како полицијата, јавното обвинителство и судството. Случаите на ДКСК мора да бидат извадени од фиоките на јавното обвинителство и комплетирани до крај. Исто така, од исклучителна важност е Владата и Собранието да ги спроведуваат препораките од Комисијата, доследно спроведување на Националната стратегија за борба против корупцијата и да се изгласаат Законот за дискреционите права на одговорните лица и промена на начинот за избор на висока раководна служба.

Мемото за јавна политика на албански јазик може да го прочитате тука:

Komisioni Kundër Korrupsionit në raportin e Komisionit Evropian

Мемото за јавна политика на англиски јазик може да го прочитате тука:

The Anti-Corruption Commission in the report of the European Commission

Проектот „Антикорупциски разговори во Парламентот“ (Anti-Corruption Talk in Parliament (ACT in Parliament)) вклучува истражувачки и застапувачки активности со примарна цел поддршка на реформскиот процес во Северна Македонија преку засилување на надзорната улога на Собранието во однос на борбата против корупцијата.

Проектот е поддржан од страна на Националниот фонд за демократија (National Endowment for Democracy – NED) од Соединетите Американски Држави. За содржината одговорен е ИДСЦС и во никој случај не ги отсликува позициите на Националниот фонд за демократија (National Endowment for Democracy – NED).

Поврзани објави