Борбата против корупцијата не е бесплатна. Затоа државата треба значително да инвестира во институциите со најизразени надлежности во борбата против корупцијата, како Државната комисија за спречување на корупцијата, Државниот завод за ревизија, Инспекцискиот совет и Комисијата за заштита на конкуренцијата. Од овие четири институции, инспекциските служби се тие што имаат како превентивна, така и репресивна функција, имајќи ја предвид можноста на инспекторатите да казнуваат. Сите овие институции имаат ингеренции што покриваат клучни аспекти од борбата против корупцијата, како надгледување можни случаи на корупција и судир на интереси и спроведување на правилата на терен.

Во изминатите години се забележува тренд на зголемена инвестиција во институциите. Тоа најмногу се забележува кај Државниот завод за ревизија и Државната комисија за спречување на корупцијата. Два индикатора укажуваат на овој тренд – бројот на вработувањата и буџетските средства на овие институции. Во однос на вработувањата во периодот 2016-2021, трендот иако со различен интензитет, сепак се забележува раст кај сите институции, освен кај Комисијата за заштита на конкуренцијата. Во однос на овој индикатор, најголем раст се забележува кај Државниот завод за ревизија и Државната комисија за спречување на корупцијата, а потоа кај Инспекцискиот совет.

Во споредба со 2016 година, се гледа и зголемување на буџетски средства во 2021 година кај сите четири институции. Ваквиот раст процентуално најмногу се гледа кај Државната комисија за спречување на корупцијата и Инспекцискиот совет.

Сепак, распределбата на средства значително варира од година во година. Тоа индицира непредвидливост во однос на условите за работа на овие институции, особено ако се земат предвид ребалансите на буџетот што се случуваа во сите години во периодот 2016-2021 година. Со последниот ребаланс во јули 2021 година, корекција на буџетот имаше кај сите институции. Средствата се зголемија кај сите институции, најзначајно кај Инспекцискиот совет поради изработка на софтверско решение, додека намалување од помалку од 3% имаше кај Државната комисија за спречување на корупцијата. Препорачливо е стабилно и повеќегодишно буџетирање на институциите со цел поголема предвидливост во нивниот раст, како и подолгорочно планирање.

Бројните негативни ефекти од корупцијата и нејзиното влијание врз економскиот раст ја оправдува инвестицијата во борбата против корупцијата. Подготвени институции што добро ја работат својата работа можат повеќекратно да ја повратат инвестицијата, како преку подобрување на условите за економски раст, заштеда на буџетски средства, како и враќање средства од државниот буџет.

Мемото за јавна политика на албански јазик може да го прочитате тука:

Si investohet në luftën kundër korrupsionit?

Мемото за јавна политика на англиски јазик може да го прочитате тука:

How do we invest in the fight against corruption?

Проектот „Антикорупциски разговори во Парламентот“ (Anti-Corruption Talk in Parliament (ACT in Parliament)) вклучува истражувачки и застапувачки активности со примарна цел поддршка на реформскиот процес во Северна Македонија преку засилување на надзорната улога на Собранието во однос на борбата против корупцијата.

Проектот е поддржан од страна на Националниот фонд за демократија (National Endowment for Democracy – NED) од Соединетите Американски Држави. За содржината одговорен е ИДСЦС и во никој случај не ги отсликува позициите на Националниот фонд за демократија (National Endowment for Democracy – NED).