logo

Локални избори 2021 и борбата против корупцијата на локално ниво

Share on facebook
Share on twitter

Локалната самоуправа е основа на демократијата. Општините, како најблиски форми на власт до граѓаните, треба да ги задоволуваат нивните интереси и потреби на локално ниво.

Изборните кампањи се период кога претендентите за локалната власт ги образложуваат заложбите, визијата и програмата за развојот за следните четири години. Во услови на разнишана доверба на граѓаните кон институциите, предизборниот период е можност за уверување на гласачите дека, сепак, локалните избори се можност за подобрување на управувањето на локално ниво.

Граѓаните сметаат дека корупцијата е значително присутна на локално ниво. Сепак, надвор од изборната кампања, борбата против корупцијата на локално ниво е парцијален приоритет на локалните власти. Барем на декларативно ниво, таа заложба се менува за време на предизборието кога се забележува значителен фокус за борбата против корупцијата, како од аспект на причините така и за нејзините негативни ефекти што се особено видливи на локално ниво.

Но, прашањето е што прават општините за да се борат против корупцијата. Целта е општините да испорачуваат одлуки, како на пример планови и дозволи кои ќе бидат од јавен интерес, а не на негова штета. Целта е тие да ги трошат парите на граѓаните на најдобар можен начин, обезбедувајќи услуги и услови за граѓаните преку домаќинско искористување на фондовите.

Реалност е дека мал дел од општините имаат усвоено антикорупциски документи или имаат развиени механизми за спречување на корупцијата. Тоа е наспроти очекувањата на граѓаните за отворена и транспарентна борба против корупцијата на сите нивоа. Оваа борба е еднакво важна и кај локалната власт. Борбата против корупцијата од предизборен наратив е потребно да се претвори во конкретни чекори по изборите. Советниците и градоначалниците имаат обврска, но и можност да се борат против корупцијата при нивната работа и треба да ја наметнат борбата против корупцијата како централна тема на општинската работа.

За почеток, општините треба да ги проценат ризиците од корупција во нивната работа, за да ги развијат своите антикорупциски политики. Оваа проценка е потребна за утврдување на слабите точки во функционирање на општините и јазот кој се јавува помеѓу праксата и онака како што се замислени процедурите на хартија. На тој начин, општинските власти можат да лоцираат што треба да се подобри и да утврдат кои капацитети им се потребни за да го направат тоа. Начинот на урбано планирање, економски развој, издавање дозволи, вработување и јавни набавки се областите каде што овие антикорупциски политики треба да бидат детални, и да го нацртаат патот за идниот развој базиран на интегритет и антикорупција.

Мемото за јавна политика на албански јазик може да го прочитате тука:

Zgjedhjet lokale 2021 dhe lufta kundër korrupsionit në nivel lokal

Мемото за јавна политика на англиски јазик може да го прочитате тука:

Local elections 2021 and the fight against corruption at local level

Проектот „Антикорупциски разговори во Парламентот“ (Anti-Corruption Talk in Parliament (ACT in Parliament)) вклучува истражувачки и застапувачки активности со примарна цел поддршка на реформскиот процес во Северна Македонија преку засилување на надзорната улога на Собранието во однос на борбата против корупцијата.

Проектот е поддржан од страна на Националниот фонд за демократија (National Endowment for Democracy – NED) од Соединетите Американски Држави. За содржината одговорен е ИДСЦС и во никој случај не ги отсликува позициите на Националниот фонд за демократија (National Endowment for Democracy – NED).

Поврзани објави