Институт за демократија „Социетас Цивилис“ во рамки на проектот „Антикорупциски разговори во Парламентот“, од 22 до 24 септември во Охрид ја организираше работилницата „Колку чини борбата против корупцијата?“.
На работилницата присуствуваа пратеници од Собранието, претставници од Кабинетот на Вицепремиерот за борба против корупцијата и криминал, одржлив развој и човечки ресурси, како и претставници на Државниот завод за ревизија, Инспекцискиот совет, Комисијата за заштита на конкуренцијата и невладини организации.
Фокусот на работилницата беше ставен на соработката помеѓу Собранието и антикорупциските институции, како и финансирањето и надзорот на антикорупциските институции. Значаен дел од дискусијата беше посветен и на утврдување на висината на инвестицијата во антикорупциските институции како предуслов за ефикасна борба против корупцијата. Како основа за оваа дискусија беше презентацијата на наодите од студијата на Институтот за демократија „Колку чини борбата против корупција?“ која ќе даде преглед на моменталната наспроти посакуваната инвестиција во работата на овие институции.
Проектот „Антикорупциски разговори во Парламентот“, има за цел да го поддржи реформскиот процес во Северна Македонија, преку зајакнување на надзорната улога на Парламентот во однос на антикорупцијата. Проектот е поддржан од Националниот фонд за демократија (National Endowment for Democracy – NED).