Во изминатиот период бевме сведоци на значително приоретизирање на борбата против корупцијата од повеќе клучни актери во меѓународната заедница во однос на нивната политика кон Западниот Балкан.

Владата на САД усвои Меморандум што ја воспоставува борбата против корупцијата како главен интерес за националната безбедност на државата и истакнува дека институциите ќе работат кон промовирање на доброто управување, транспарентноста и спречувањето на корупцијата во САД и во странство.

Претседателот на САД во јуни потпиша Извршна одлука којашто овозможува американската влада да ги санкционира сите лица што придонесуваат кон дестабилизација на регионот. Санкциите вклучуваат забрана на влез и блокирање имот на оние што ги загрозуваат демократските институции, безбедноста во регионот и се вклучени во сериозни случаи на корупција и мито. Основата за донесување на оваа одлука е глобалниот акт „Магнитски“ преку кој владата на САД може да воведе санкции за лица од која било држава кои се виновни за повреди на човековите права и коруптивни дејствија. Освен САД, глобалниот акт „Магнитски“ е усвоен од парламентите во повеќето земји, меѓу кои Велика Британија, Канада, Естонија, Литванија, а во декември 2020 година, актот го усвои и Европскиот Парламент.

Подобрување на владеењето на правото и справувањето со корупцијата во државата е и во фокусот на присуството на Европската Унија во земјата. Кон крајот на јули годинава, делегацијата на ЕУ и Мисијата на ОБСЕ во Скопје објавија дека ќе вршат мониторинг на судските процеси во областа на организираниот криминал и корупцијата со цел подобрување на спроведувањето на правдата, како неопходен предуслов за пристапување во ЕУ.

Приоретизирањето на борбата против корупцијата од меѓународната заедница потенцира дека високата корупција е препознаена како една од најголемите пречки за одржлив развој и демократизација во регионот. Ова истовремено означува и зголемен фокус врз работата на сите институции задолжени за справување со корупцијата и одредени очекувања од нивниот перформанс. Покрај фокусот на меѓународната заедница, борбата против корупцијата мора да биде и врвен домашен приоритет со цел да се постигнат резултати кои ќе имаат конкретна корист за граѓаните. Неопходно е институциите да демонстрираат политичка волја и посветеност и да соработуваат со меѓународните актери во постигнување на заедничките цели.

Собранието е централната антикорупциска институција, пратениците треба да ги прилагодат своите активности со цел да се рефлектира зголемениот меѓународен фокус на корупцијата преку зголемен фокус на антикорупциските институции, надзор на владините активности и зголемена меѓународна соработка. Пред пратениците за својата работа одговараат повеќето институции задолжени за справување со корупцијата. Оттука, Собранието мора засилено да ја остварува својата надзорна улога врз работата на овие институции со што би поттикнало отчетност и проактивност и би побарало конкретни испораки.

Мемото за јавна политика на албански јазик може да го прочитате тука:

Ballafaqimi i korrupsionit nën syrin vigjilent të bashkësisë ndërkombëtare. Çfarë mund të bëjë Kuvendi?

Мемото за јавна политика на англиски јазик може да го прочитате тука:

Tackling corruption as a priority of the international community. What can the Parliament of North Macedonia do?

Проектот „Антикорупциски разговори во Парламентот“ (Anti-Corruption Talk in Parliament (ACT in Parliament)) вклучува истражувачки и застапувачки активности со примарна цел поддршка на реформскиот процес во Северна Македонија преку засилување на надзорната улога на Собранието во однос на борба против корупцијата.

Проектот е поддржан од страна на Националниот фонд за демократија (National Endowment for Democracy – NED) од Соединетите Американски Држави. За содржината одговорен е ИДСЦС и во никој случај не ги отсликува позициите на Националниот фонд за демократија (National Endowment for Democracy – NED).