Во 2021 година се забележува позитивен исчекор во ставовите на граѓаните кога станува збор за улогата на Собранието во политичкиот живот на државата, достапноста на народните избраници за јавноста и вклучувањето на граѓаните во процесите на донесување одлуки. Имено, овој пратенички мандат е препознаен од јавноста како највлијателен во политичкиот живот и за квалитетот на нормативната рамка на Северна Македонија од 2016 година наваму, како и тоа дека е најподготвен за спроведување на реформи и нормализирање на политичкиот живот во државата.
Исто така, граѓаните оцениле дека актуелните пратеници се и подостапни за комуникација со граѓаните, додека споредено со нивните колеги од претходните мандати имаат поголем слух за непосредните локални потреби на граѓаните, но и до извесен степен повеќе ги земаат предвид забелешките упатени од јавноста. Сепак, овие позитивни трендови се во зародиш и потребни се дополнителни напори и волја од страна на пратениците да се задржи и подобри оваа состојба.
Во продолжение се наведени неколку препораки како да се постигне тоа:
Собранието мора да вложи сериозни напори за унапредување на квалитетот на извршување на своите уставно одредени функции, а пред се на надзорната функција. Пратениците треба активно и суштински да ги практикуваат механизмите за надзор над извршната власт кои им се на располагање. На тој начин, суштински ќе се зголеми влијанието и улогата на Собранието во политичкиот живот на државата.
Зголемување на информираноста и знаењата за темите кои се предмет на дискусија во Собранието, како и подобрување на дебатните и ораторските вештини на пратениците. На овој начин, пратениците ќе можат да донесуваат поинформирани одлуки, подобро да ги образложуваат своите тврдења преку аргументи пред своите колеги, а со тоа дополнително да влијаат на квалитетот на законите кои ги донесуваат. Парламентарниот Институт (ПИ) кој функционира во рамките на Собранието, врши истражувачки работи на теми од интерес на пратениците, како и едукација и обуки во специфични области. Оттука, потребно е поголемо и поефективно искористување на услугите на ПИ од страна на пратениците. Дополнително, потребно е зголемување на соработка со граѓанскиот сектор кој располага со експертиза и знаења за специфични теми, со што значително можат да им помогнат на пратениците во процесите на донесување одлуки.
Собранието треба постојано да ги надоградува механизмите и практиките за одржување близок и непосреден контакт со граѓаните. Јавноста треба да има непречен и редовен увид во работата на Собранието, како и отворен канал за двонасочна комуникација со своите претставници. Ова може да се постигне преку унапредување на содржината и алатките на Собранието за информирање на јавноста (на пример Собранискиот ТВ канал, веб страната на Собранието и профилите на социјалните медиуми), како и активирање на постојните канцеларии за контакт со граѓаните лоцирани во општините низ целата држава. Собранието исто така треба да ја интензивира и едукацијата на граѓаните за постојните механизми за нивно вклучување во работата на законодавниот дом.
Краткиот документ за јавна политика на македонски јазик може да го прочитате тука:
Краткиот документ за јавна политика на албански јазик може да го прочитате тука:
Краткиот документ за јавна политика на англиски јазик може да го прочитате тука: