Институт за демократија „Социетас Цивилис“ денеска организираше онлајн дискусија за Законот за висока раководна служба на која се разговараше за предизвиците и следни чекори за донесување на законот.

Дискусијата ја отвори Миша Поповиќ, постар истражувач во Институт за демократија кој истакна дека истражувањето на ИДСЦС покажува дека иако е подобрена структурата на именување, сепак треба уште многу да се направи за системот да биде базиран на компетенции, квалификации и транспарентност односно на мерит систем.

„Помогнати од Британската амбасада во Скопје работевме на набљудување на процесот на именување. Иако е подобрена структурата на огласување, половина од 116 именувања кои ги набљудувавме се вршители на должност, така што таа времена мерка е всушност доминантната мерка и тоа не го помага процесот. Кога се именува вршител на должност се дава сигнал дека тоа лице ќе има предност и токму тоа се случува. На огласите главно се пријавувал само еден кандидат. Тоа што дополнително го увидовме како проблем е тоа што половина од именуваните лица немаат искуство во раководење. ИДСЦС изработи компетенциска рамка која може да им помогне на основачите односно на владата и на општините да можат во процесот на интервјуа на добар начин да ги споредат потребите кои ги поставиле за именувањето и резултатите од интервјуто односно проверка на компетенциите и квалификациите, вели Поповиќ.

Љупчо Николовски, Заменик на претседателот на Владата задолжен за борба против корупција и криминал, одржлив развој и човечки ресурси рече дека Владата дава поддршка за целосна професионализација, департизација, деполитизација на институциите во општеството е и дека тоа е вклучено во програмата за работата на Владата.

„Верувам дека со широка дебата ќе испратиме јасни пораки дека забрзано чекориме по тој пат и дека ќе ги искористиме можностите и ќе направиме услови парламентот да ги донесе сите овие пакети на закони, а со тоа да имаме прилика да ги промени состојбите. Ние цврство сме решени забрзано и засилено да продолжиме да чекориме во јакнење на капацитетот на јавната администрација, на деполитизација, професионализацијата, на потпирање на база на интегритет, стручност, јасни критериуми и јасно отворени постапки“, рече Николовски.

Целта на владата е за реформа и професионализација на јавната администрација ја потврди и Министерот за информатичко општество и администрација, Јетон Шаќири.

„Во законодавството на нашата земја не постои јасно разграничување помеѓу политичкото и професионалното ниво односно не е јасно дефиниран и утврден опфатот на високо раководни служби. Евидентното е дека не постојат јасни правила и критериуми за именување и разрешување на директорите ниту пак има отворен натпревар за голем дел од овие позиции со што се нарушува принципот на заслуги.  Предложениот модел и измените на законите, се засноваат на принципите на демократичност и транспарентот кои се основа за градење политички неутрална јавна администрација. Во декември 2019 година Владата го достави до Собранието Законот за висока раководна служба и тој помина на прво читање. Во ноември 2020 Владата го врати Законот на доработка и усогласување со останатите законски решенија. Во набрзо време, до крајот на следната недела, пакетот закони за јавната администрација, меѓу кој и Законот за висока раководна служба, ќе бидат објавени на ЕНЕР, а МИОА ќе организира јавни расправи со сите засегнати страни. Пакетот закони треба да влезе во владини процедури до крајот на јуни, а до крајот на летото и во собраниска процедура“, информираше министерот Шаќири.

Биљана Ивановска претседателка на Државната комисија за спречување на корупција смета дека изборот и разрешување на одговорни лица вообичаено е предвремено и често се врши по препорака на основачот односно Владата или општините.

„Воспоставената пракса покажува дека на објавениот оглас на изборот за директор се јавува само еден кандидат, вообичаено тоа е лицето кое што е однапред планирано за таа позиција. Ова всушност е проверен начин за вработување на лица поврзани со политички партии, без разлика на нивната стручност и е препознаен како поделба на управувањето со државните институциите на политички партии од власта. Именувањето на вршители на должност се врши во континуитет по неколку пати од шест месеци, имавме случај на в.д избран седум пати по шест месеци. Со ваков начин на работа се остава простор за висок ризик од политичко влијание и клиенталистичко постапување на избраните лица со што се загрозува редовното функционирање на институциите. За жал ниту еден закон не предвидува санкции за ваквото постапување. Ова доведува до разградување на системот на вредности и професионализам како и иселување на квалитетниот кадар, заклучи Ивановска.

Настанот беше организиран во рамки на проектот „Набљудување за назначувања засновани на заслуги во високата раководна служба“, кој Институт за демократија го спроведува со поддршка од Обединетото Кралство, преку Британската Амбасада во Скопје.

Целата дискусија може да ја погледнете на следниот линк: