Резултатите од истражувањето покажуваат дека наставните помагала се соодветна алатка за пренесување на знаења за проблемот на корупцијата во земјата, а наставниот процес и наставниците успеаја да го подигнат нивото на знаење на учениците. Доколку за корупцијата се зборува отворено на часовите, и водени од систематски начин на пренесување на знаењето, ќе се постигнат резултати во подобро препознавање на корупцијата, сфаќањето дека таа треба да биде пријавена, и тоа кај институциите.

Потребна е дополнителна работа во подобрување на разбирањето на судирот на интереси, како дел од проблемот на корупцијата. Очекувано, тука подобрувањето на знаењето е најпотребно, и потребно е да се посвети повеќе време за да се пренесе тој концепт.

Меѓутоа, истражувањето уште еднаш го демонстрираше проблемот со поместување на подлабоки вредносни ориентации. Секако дека не може да се очекува неколку часа да придонесат значајно во подобрувања на ова ниво, но резултатот потсеќа на потребата од дијалог за местото на образованието во борбата против корупција. Притоа, овде се мисли на улогата на процесот во формирање на индивидуата (образование), како индиректен резултат на пренесување на знаење (учење).

Затоа, покрај наставните часови каде директно ќе се зборува за проблемот на корупцијата, истражувањето покажува дека при реформите на образованието треба да се зададат конкретни образовни цели поврзани со градење на личниот интегритет на младите. Се разбира, формалното образование е само еден дел од социјализацијата, но Министерството за образование и наука, во сегашните реформи на основното, и трансформацијата на средното образование потребно е да креира услови во кои комбинацијата на учење и образование ќе продуцира средина за подобрување на фундаменталните вредности. Само на тој начин, можеме да очекуваме дека идните генерации, односно оние кои допрва ќе се образуваат, ќе бидат активни чинители и сојузници во борбата против корупцијата.

Краткиот документ за јавни политики можете да го прочитате тука:

Учењето за борба против корупција функционира, останува уште образованието