Институт за демократија денеска ја организираше конференцијата „Подобрен капацитет за превенција на несреќи и управување со кризи на локално ниво“ посветена на локалните капацитети за управување со кризи во Република Северна Македонија.
На конференцијата се дискутираше за системот за управување со кризи, можностите за соработка и меѓусебна поддршка на органите на национално и локално ниво, како и претставување на процесот на изработка на локални стратешки планови за намалување на ризиците од несреќи и катастрофи на осум избрани единици на локалната самоуправа.
Настанот го отвори претседателот на Институт за демократија, Марко Трошановски, кој рече дека кризата со ковид-19 ни покажа дека е исклучително важно да има брза, навремена и ефикасна координација и на национално и на локално ниво, но и дека на општините им се потребни зголемени капацитети за превенција и намалување на ризиците со што ќе обезбедат безбедни и брзи услуги во непредвидливи и ограничувачки услови.
На конференцијата се обрати претседателот на државата, Стево Пендаровски, кој истакна дека ни е потребен системски пристап кон националните и локалните стратегии што ќе овозможи интеграција на расположливите капацитети и ресурси на сите нивоа и нивно постојано одржување и надградување со цел да бидат достапни кога е најпотребно.
„Многу од нашите општини имаат проблеми со поплави, пожари, одрони, свлечишта и загадување. Знаеме дека секогаш кога ќе се појави катастрофа, локалните заедници се први на удар. Дополнителен проблем е фактот што, покрај ограничените човечки, материјално-технички и финансиски ресурси, се соочуваме и со хроничен недостаток на институционална координација и соработка“, рече Пендаровски и додаде дека отпорноста кон катастрофи е предуслов за одржлив развој на секоја општина и дека тоа не преставува трошок, туку инвестиција во иднината.
Рејчел Галовеј, Амбасадорка на Обединетото Кралство во Република Северна Македонија, потенцираше дека пандемијата со ковид-19 нè научи на неколку лекции меѓу кои и фактот дека за справување со кризи потребна е претходна подготвеност, вклученост и информираност на граѓаните како и воспоставување на ефективни механизми за координација помеѓу националните и локалните самоуправи.
„Пандемијата покажа дека на локалните власти им се потребни силни системи за подготвеност при кризи и планови за да можат брзо да одговорат на предизвиците. Чест ми е што преку овој проект можеме да споделиме искуство од Велика Британија за подготвеност и одговор на кризи на локално ниво. Преку партнерството со Институт за демократија не само што поддржуваме општините да развиваат планови за подготвеност за кризи, да комуницираат и да ги ангажираат граѓаните, туку и да ги зајакнеме механизмите за координација со клучните партнери на национално ниво“, додаде Галовеј.
Националниот координатор за имплементација на Националната платформа за намалување на ризици од катастрофи, Зоран Петров истакна дека единиците на локалната самоуправа имаат клучна улога во градењето систем за јакнење на отпорност и намалување на ризиците од катастрофи.
„Последиците од несреќи најмногу се чувствуваат на локално ниво. Оттаму е и обврската на локалните власти да работат на овој предизвик одговорно, осмислено и организирано преку изготвување проценки и планови за намалување на ризици од катастрофи“, додаде Петров.
Стојанче Ангелов, Директор на Центарот за управување со кризи кажа дека се воспоставени стандардни процедури на соработка помеѓу Центарот за управување со кризи и општините што подразбира континуирана размена на податоци и информации, меѓусебно информирање, рано предупредување и алармирање за сите актуелни и потенцијални ризици кои можат да го загрозат здравјето и животот на граѓаните и општата безбедност.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Беким Максути смета дека не постои одржлив развој без воспоставање на ефективен и ефикасен систем за превенција од катастрофи.
„Превенцијата бара одговорност, индивидуална и институционална посветеност. Граѓаните на нашата држава заслужуваат поефикасен систем за заштита и спасување која ја вклучува координацијата меѓу сите институции“, додаде Максути.
Миша Поповиќ, истражувач во ИДСЦС, вели дека антиципирањето на кризите е дел од доброто управување кое мора во себе да вклучи превентивни механизми во различни делови од работата на институциите.
„Стратешките планови за намалување на ризиците од катастрофи треба да станат дел од секојдневната работа на институциите“, смета Поповиќ.
Консултантот за кризен менаџмент, Васко Поповски, кој ја изработи Студијата за јавни политики за управување со кризи, потенцираше дека улогата на општините е централна. Тој смета дека единиците на локалната самоуправа не се само субјекти кои што први ќе одговорат во момент на криза, туку треба и да ги ублажат постоечките и новите кризи.
Петре Шилегов, градоначалникот на Град Скопје, вели дека кога навремено ќе се направат стратешки планирања, дел од кризите може да се превенираат а останатите полесно да се управуваат.
„Неопходно е да направиме подлабока и посеопфатна анализа на системот за управување со кризи и да ја дефинираме точно улогата на општините која што сега сериозно недостасува. Менаџирањето со кризите мора да биде предмет на стратешко делување за да ги минимизираме штетните последици“, рече Шилегов.
Аце Коцевски, градоначалникот на општина Велес смета дека локалната самоуправа како најблиска власт до граѓаните, секогаш најдобро ги знае нивните проблеми и е најзаинтересирана да најде најбрзи и најефикасни решенија за нивни разрешувања. Тој потенцираше дека нема демократија без развиена локална самоуправа.
Медат Куртовски, градоначалникот на општина Маврово Ростуше, вели дека во рамките на законските обврски што ги има локалната самоуправа, општината во соработка со регионалниот центар за управување со кризи во Гостивар изработува проценка за загрозеноста на територијата на општината од елементарни и други непогоди.
Претседателката на ЗЕЛС, Душица Перишиќ, смета не треба да се чека да се случи некоја несреќа или пандемија за колективно да се размислува дека нема планови и стратегии кои би биле од помош.
„Решение е да се направи една стратегија која ќе ги опфати различностите на општините и која ќе има поврзаност со стратегиите на централната власт“, заклучи Перишиќ.
Конференцијата беше организирана во рамки на проектот „Подобрен капацитет за управување со кризи на општините во Северна Македонија“ кој Институт за демократија го спроведува со поддршка од Обединетото Кралство, преку Британската Амбасада во Скопје.
Целата конференција може да ја погледнете тука: