Борбата против корупција мора да продолжи и во услови на криза. Справувањето со пандемијата на Ковид-19 покажа дека намалените антикорупциски напори придонесуваат кон продлабочување на кризата и оневозможуваат ефикасен одговор на институциите.

Стагнирање во владеењето на правото и борбата против корупција е забележано во повеќето извештаи кои го следат напредокот на државата. Северна Македонија е рангирана на 78 место во светот според Индексот на демократија на „Економист“, што е за едно место подолу споредено со 2019 година. На скалата од 0 (авторитарни режими) до 10 (целосни демократии), со 5.89 поени државата останува во групата на хибридни режими, кои се карактеризираат со слабости во функционирањето на Владата, значителни предизвици во владеење на правото и распространета корупција.

Државата е класифицирана како транзициски-хибриден режим и во минатогодишниот извештај за „Нации во транзиција“ на „Freedom House“, кој го мери степенот на демократизација и напредокот во спроведувањето на реформи. Северна Македонија е оценета со 3.75 поени на скалата од 1 до 7, каде што 7 означува целосна демократизација. И покрај тоа што извештајот бележи мал напредок во некои параметри – изборните процеси и независноста на медиумите, состојбата со борбата против корупција останува непроменета и во голема мера придонесува за нискиот степен на демократизација на државата.

Во најновиот извештај „Слободата во светот 2021“ на „Freedom House“ се бележи благ напредок во однос на намалувањето на опструкциите во работата на Собранието. Сепак, корупцијата останува да биде сериозен проблем во општеството, при што сериозни корупциски скандали поминуваат неказнети.

Најпосле, минатата 2020 година Северна Македонија е најлошо рангирана досега според индексот на перцепција на корупција на „Transparency International“. Државата го зазема 111 место на листата, што е за 5 места подолу споредено со минатата година. Падот на листата во овој случај означува стагнација во борбата против корупција, бидејќи индексните поени остануваат непроменети.

Процесот на демократизација, кој овозможува функционални институции и владеење на правото е неопходен предуслов за справување со корупцијата. Ефикасната борба против корупција не може да се спроведе без отпорни институции кои работат во согласност со своите надлежности. Една од повеќето причини кои придонесоа за ваквите назадувања е занемарувањето на системот на поделба на власта при справувањето со кризата. Трансферот на законодавните надлежности кон Владата речиси и да не подлегна на надзор од страна на Собранието.

При справувањето со кризата, мерките кои се носеа, со цел за заштита на населението, неретко беа оценети како ограничувачки и се косеа со демократските вредности. Земајќи го тоа предвид, тие мора да подлежат на надзор од страна на Собранието за таквите ограничувања да бидат контролирани, иако се средства за справување со криза. Така би се обезбедило дека ограничувањата на правата се целосно оправдани и издржани. Ефективниот надзор е неопходен и со цел да се обезбеди правилната алокација на средства на институциите кои се најмногу вклучени во справувањето со кризата. На тој начин би се намалил просторот на злоупотреби и би се придонело кон поефикасно справување со кризата.

Мемото за јавна политика на албански јазик може да го прочитате тука:

Lufta kundër korrupsionit në kohë pandemie: përpjekje të zvogëluara dhe ngecje

Мемото за јавна политика на англиски јазик може да го прочитате тука:

Combating corruption during a pandemic: reduced efforts and stagnation

Проектот „Антикорупциски разговори во Парламентот“ (Anti-Corruption Talk in Parliament (ACT in Parliament)) вклучува истражувачки и застапувачки активности со примарна цел – поддршка на реформскиот процес во Северна Македонија преку засилување на надзорната улога на Собранието во однос на борбата против корупцијата.

Проектот е поддржан од страна на Националниот фонд за демократија (National Endowment for Democracy – NED) од Соединетите Американски Држави. За содржината одговорен е ИДСЦС и во никој случај не ги отсликува позициите на Националниот фонд за демократија (National Endowment for Democracy – NED).