fbpx
logo

Се зголемува евроскептицизмот кај младите, но ЕУ се уште се смета за најголем сојузник

Институтот за демократија „Социетас Цивилис” – Скопје (ИДСЦС) во соработка со канцеларијата на Фондацијата Конрад Аденауер во Скопје денес на онлајн платформата Зум ги презентираа наодите од двете истражувања за јавното мислење за македонскиот процес на пристапување во Европската Унија. Двете истражувања претставуваат надоврзување на повеќегодишното истражување на јавното мислење за евро-интегративниот процес.

Изминатата година ја одбележаа значителни пресврти во процесот на европска  интеграција. Следствено, овие настани се одразија кон јавното мислење и перцепцијата на населението кон Европска Унија. Во 2020 година, се става крај на долгогодишниот тренд на опаѓање на поддршката кон Европска Унија, со 69 проценти од населението кое дава поддршка кон членството во ЕУ, за 4% повеќе во споредба со минатата година. Дополнително, меѓуетничкиот јаз во степенот на поддршка на членството на ЕУ се намалува. Сепак, паралелно на овие придвижувања, воочлив е и соодветен раст од 3 проценти на евроскептичните ставови, кои сега претставуваат 22 проценти од популацијата. Од тука, поддршката кон Евроазиската Унија како алтернатива на членството во ЕУ бележи раст од околу 13 проценти во однос на 2019 година.

Заканата за губење на националниот идентитет и губењето на суверенитетот и независноста на државата како последица на процесите на европеизација се наметнуваат како најважни фактори за формирањето на евроскептичните ставови.

Очигледен е и порастот на негативните перцепции кон соседите и нивното сојузништво во евроинтегративниот процес. За разлика од минатите години, кога причините во пристапниот процес се гледаа повеќе во неостварување на домашните реформи, сега повеќе од половината од граѓаните најголемиот проблем за македонскиот пристапен процес го насочуваат кон позициите на соседните држави, што е за 20 проценти повеќе од минатата година.

Иако, испитаниците се’ уште ја гледаат Европска Унија како најголем сојузник, сепак оваа перцепција бележи опаѓање од 7,6 проценти во однос на 2019 година. Дополнително, Соединетите Американски Држави го земаат водството на Европската Унија како фактор со најголемо влијание, додека пак Русија низ годините бележи благ пораст во однос на перцепцијата за нејзиното влијание. Европската Унија, пак се’ уште се гледа како најголем финансиски донатор на Северна Македонија.

Претседателот на ИДСЦС, Марко Трошановски истакна дека изминатата година беше прилично несреќна за македонските амбиции за пристапување кон ЕУ, а бугарското вето сериозно го оштети процесот на проширување.

„Овој ќорсокак ја става под ризик и регионалната стабилност, го зголемува јазот во секој аспект помеѓу Западен Балкан и ЕУ, поттикнува авторитарни тенденции, популистички гласови. Штетите се големи, а Брисел е свесен за последиците од оваа ситуација. Кредибилитетот на Унијата и на процесот сериозно се нарушени. Иако целокупната поддршка за ЕУ се уште е силна, скептицизмот се зголемува, особено кај младите, а поддршката за Русија постојано расте. Испитаниците се уште ја гледаат ЕУ како најдобар странски сојузник, но ЕУ веќе не се гледа како странски фактор со најголемо влијание и заостанува зад САД. Прашањето е дали ЕУ има план Б за нас и регионот“, вели Трошановски.

Даниел Браун, директор на Фондацијата Конрад Аденауер во Скопје потенцираше дека Германија силно се залага за Северна Македонија да добие перспектива за пристап, но додаде дека ЕУ е сојуз и иако Германија е најголема земја во Унијата, треба и другите земји да бидат убедени, а тоа не е секогаш едноставно.

„Со Договорот од Преспа мислевме дека е отстранета последната пречка за започнување преговори со ЕУ, но за жал во 2019 видовме еден нов развој, а сега гледаме дека има проблем со друга соседна земја. Перспективата за Северна Македонија треба да биде во Европа. Не станува збор само за инвестирање на пари туку на целиот концепт на вредности кој што го има ЕУ, како напредок во демократијата и принципот на владеење на правото. Не смее да се заборават и темите поврзани со животната средина. Не е спорно дека граѓаните на Северна Македонија конечно сакаат да видат резултати, придвижување и напредок. Ако уште подолго се остане во процесот на чекање, тогаш ќе се избере друг пат“, смета Браун.

Двете истражувања на авторите Иван Дамјановски, Иван Николовски и Мари Јеленка Кирхнер може да ги прочитате на македонски и англиски јазик на следните линкови.

Политичка луда железница: интересна година за Северна Македонија на патот кон ЕУ

Political Rollercoaster – An eventful year for North Macedonia on its way to EU

Анализа на јавното мислење за македонскиот процес на пристапување кон Европската Унија“ (2014 – 2020)

Analysis of the public opinion on North Macedonia’s accession to the European Union” (2014-2020)

Поврзани објави