Во рамки на проектот „Антикорупциска едукација за ученици од средно образование“ изминатиот период се одржаа пилот предавања за борба против корупција во осум средни училишта. Преку предавањата, ученици од Скопје, Тетово, Гостивар, Струга, Штип и Битола се стекнаа со знаења за корупцијата и последиците кои ги предизвикува, како да ја препознаат, како и за начините и алатките за спречување и борба против корупцијата.

За потребите на предавањата, Институт за демократија подготви два прирачници за професори и ученици наменети за ефикасно предавање и изучување на антикорупциски содржини и одржа обука за пилотирање на едукативните програми наменета за професорите.

Прирачниците за изучување на антикорупциските содржини се достапни на следниот линк.

Проектот „Антикорупциска едукација за ученици од средно образование“е имплементиран од Институт за демократија заедно со Државната комисија за спречување корупција, со финансиска поддршка од  Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје. Проектот цели кон подигнување на свеста кај младите за корупција, зајакнување на нивното знаење за корупцијата, формите во кои се јавува и алатките за борба против корупцијата, како и зајакнување на нивното знаење за важноста на градење личен интегритет.