Борбата против корупцијата не е бесплатна. Како мултидимензионален проблем борбата против корупцијата бара политички, институционални и материјални ресурси кои ќе ги отсликаат декларативните заложби и ќе придонесат кон видливи резултати. Дури и во услови на потенцијален политички консензус тоа не значи дека борбата против корупцијата може ефикасно да се спроведе доколку најпрво не се распределат доволно ресурси и не се овозможи непречена работа на вклучените институции. Во тој контекст, Собранието може да одигра значајна улога преку редефинирање на досегашниот пристап и заземање проактивна улога.

Најпрво, за да се процени колкава е потребната општествена инвестиција, важно е да се мапираат и проценат потребите и капацитетите на „најистурените“ институции во борбата против корупцијата. Во таа насока, потребен е опсежен и детален увид на капацитетите, условите за работа, како и регулаторните пречки и предизвици со кои овие институции се соочуваат. Пратениците можат значително да придонесат во овој процес преку воспоставување активна комуникација со управните и извршните органи на антикорупциските институции, но и со надворешни чинители кои можат да дадат нивен придонес кон подобро определување на предизвиците и оптимизирање на следните чекори во согласност со достапните ресурси.

Ваквиот пристап на активна соработка помеѓу пратениците и антикорупциските институции би овозможил стекнување информации за нивната работа кои често не се наоѓаат во годишните извештаи кои се доставуваат до Собранието. Така би се стекнал поблизок увид за низа материјални и регулаторни предизвици со кои овие институции се соочуваат. Тоа може да бидат условите за работа, финансиите или недостатокот на обучен и мотивиран кадар што тесно се поврзува со неможноста овие институции да ангажираат специфичен технички кадар кој е поскап на пазарот на трудот од средствата и позициите предвидени во систематизацијата. Дополнително, честите недоречености и нејаснотии во регулативата создаваат пречки во нивната работа што оневозможува целосно спроведување на нивните надлежности.

Хоризонталната соработка помеѓу институциите треба да биде мотивирана од развојни цели кои ќе бидат однапред определени во консултација на политичките актери и надлежните институции. На тој начин, реформите на институциите ќе бидат синхронизирани со остварување поширока општествена цел. Добра прилика за тоа се тематски надзорни расправи, каде што преку прецизна распределба на улогите на различни институции во адресирањето на конкретен повеќеслоен проблем, ќе се мапираат надлежностите, ресурсите и перформансите на сите вклучени институции. Градењето таква пракса е клучен чекор при адресирање мултидимензионални предизвици, како што е борбата против корупцијата. Пристапот, насочен кон решавање одреден проблем, би овозможил и проценка колкава инвестиција е потребна во институциите и колку чини спроведувањето и/или реформата на регулаторната рамка.

Во годината што претстои спроведувањето на клучните реформи дома ќе биде од исклучителна важност. Во тој контекст, важно е, како општество, да знаеме колкава е потребната инвестиција во борбата против корупција како појдовна точка при градењето, најпрво на политичкиот консензус, а потоа и при креирањето на соодветните политики.

Мемото за јавна политика на албански јазик може да го прочитате тука:
Sa kushton dhe sa duhet të kushtojë lufta kundër korrupsionit?

Мемото за јавна политика на англиски јазик може да го прочитате тука:
What is the cost and what should be the cost of the fight against corruption?

Проектот „Разговор за борбата против корупцијата во Собранието“ (Anti-Corruption Talk in Parliament (ACT in Parliament)) вклучува истражувачки и застапувачки активности со примарна цел поддршка на реформскиот процес во Северна Македонија преку засилување на надзорната улога на Собранието во однос на борба против корупцијата.

Проектот е поддржан од страна на Националниот фонд за демократија (National Endowment for Democracy – NED) од Соединетите Американски Држави. За содржината одговорен е ИДСЦС и во никој случај не ги отсликува позициите на Националниот фонд за демократија (National Endowment for Democracy – NED).