Политичката контрола и надзорот над Владата и над другите носители на јавни функции е една од уставно одредените надлежности на Собранието. Еден од механизмите за остварување на оваа надлежност се надзорните расправи преку кои се контролира работата на Владата, односно имплементацијата на донесените закони, како и ефектот на владините функционери и службениците во извршувањето на законските мандати.  Преку овие расправи, пратениците добиваат информации и стручни мислења во врска со работата на извршната власт и на органите на државната управа. И покрај тоа што преку ова алатка Собранието може да собере значителни информации за работата на извршната власт, истата многу ретко се практикува.

На 13 ноември 2020, во Собранието на Северна Македонија беше организирана надзорна расправа која се однесуваше на утврдувањето на причините и извршувањето на законите во постапката за доведување до стечај на Еуростандард банка, како и за  извршувањето на законите од страна на надлежните институции. Институт за демократија, преку Индексот на квалитет на дебата, го следеше квалитетот на дебатата во оваа надзорна расправа и даде оценка на начинот и нивото во изнесувањето на позициите, како и во дебатното однесувањето на самите учесници.

Надзорната расправа на тема ,,Утврдување на причините и извршувањето на законите во постапката за доведување до стечај на Еуростандард банка АД Скопје’’ се водеше во коректна атмосфера, без прекини, без ограничувања и на истата присуствуваа сите поканети надворешни претставници, освен еден. Од друга страна, квалитетот на дебатата на учесниците, може да се оцени како слаб. Значителен дел од прашањата кои беа поставени од страна на пратениците беа во форма на тези и обвинувања кон надворешните учесници, на што поканетите сведоци дадоа претежно слабо аргументирани одговори, без детални објаснувања. Учесниците во дискусијата претежно слабо ги поткрепија своите излагања со аргументи.

Анализата се фокусира на тоа како надзорните расправи се регулирани во Собранието, за потоа поопширно да го оценува квалитетот на дискусијата во надзорната расправа, односот на учесниците во дебатата, како и на која насока се движеше истата.

Целата анализа може да ја прочитате тука:

Квалитет на дебата во Собранието: Надзорна расправа за случајот Еуростандард банка