Пандемијата на Ковид-19 тешко го погоди Западниот Балкан. Не само што ова беше (и уште е) закана за здравјето и благосостојбата на граѓаните, туку е и искушение за младите демократски институции.

Владините чекори за борба против Ковид-19 и последователниот надзор беа отежнати поради политички немир: во албанскиот парламент нема партии во опозиција; кабинетот во Косово, кој веќе беше во незавидна положба, колабира поради мерките поврзани со Ковид-19; а во Северна Македонија изборите беа во тек.

Ситуацијата во Албанија, Косово и Северна Македонија имаше и позитивни и негативни аспекти, а беше приближно иста во трите земји. Добро е што младите демократски институции во овие три земји докажаа дека се доволно еластични за да ги издржат предизвиците на забраните за движење и вонредните состојби. Фактот што системот не се распадна, што преовлада правната држава и што владите во најголем број случаи делуваа совесно кога се залагаа за безбедност за популацијата може да се протолкува како позитивен знак. Лошо е што секојдневната практика на демократски надзор преку парламентот и другите институции – што веќе беше проблематична – беше дополнително ослабната, а и во некои случаи главно отсуствуваше, на пример во ситуации кога требаше да се контролира начинот на кој владата ја користи надворешната финансиска помош за развој.

Краткорочно сите три земји ќе треба да преземат мерки за да ги префрлат владеењето и надзорот претежно на интернет, без да се запостави потребата и можноста за работа во живо, кога повторно ќе има можност за тоа. Среднорочно, откако ќе се потсетиме за реалната состојба со владеењето, потребно е да се размисли што функционирало како што треба, а што треба да се подобри. Поважно е да се забележи дека треба да се преземат мерки за да се подобри финансиската отчетност на владините пакети за помош и донаторската помош. Долгорочно, сите три земји треба да продолжат да ги градат демократиите имајќи предвид дека демократијата не произлегува само од институциите и механизмите, туку и од менталитетот и однесувањето. Почитта што кај народот ја стекнаа некои политичари и функционери, кои работеа за општото добро и сигурноста на народот во тешки услови, е за пример и е позитивен знак за во иднина.

Целиот документ за јавна политика може да го прочитате тука:

Влијанието на Ковид-19 на владеењето и демократскиот надзор: Случаите на Албанија, Косово и Северна Македонија