На 15 јули 2020г. беа избрани новите пратеници во Собранието на Северна Македонија. По неколкуте измени во неговата структура, актуелниот собраниски состав брои 61% мажи и 39% жени. Конституирањето на новиот пратенички состав го покрена и прашањето за тоа каков ќе биде распоредот во собраниските комисии овој мандат.

Собраниските комисии имаат големо влијание врз квалитетот на законската рамка во државата и ефективноста на собранискиот надзор врз извршната власт. Пратениците на комисиска седница дебатираат за суштинската потребата од донесување на законите, го следат извршувањето на актите на Собранието и претресуваат други прашања од негова надлежност. Во комисиите се разгледуваат и извештаите на институциите кои одговараат пред Собранието и се организираат надзорни расправи.

Оттука, застапеноста на жените во комисиите одредува во кој домен од легислативата тие најмногу ќе влијаат, но и дали при нејзиното креирање ќе придонесат за унапредување на правата на жените. Пратеничките кои се застапени во мал процент во одредена комисија се соочуваат со предизвици кога треба да биде слушнат нивниот глас за правата кои ги засегаат жените во нивната комисија.

Структурата на комисиите и овој пратенички мандат не отстапува од досегашната пракса во Собранието. И покрај тоа што процентуалната застапеност на жените во Собранието расте, комисиите во кои тие се најмалку, или најмногу застапени се повторуваат во седум консекутивни мандати.

Најмал процент на жени е забележан во Комисиите за одбрана и безбедност (25%);  надзор врз работата на Агенцијата за национална безбедност на Агенцијата за разузнавање (31%); економски прашања (30%); земјоделство, шумарство и водостопанство (25%) и локална самоуправа (25%).  Комисиите кои како своја област на делување ја зафаќаат сферата на секојдневниот живот на жената и овој мандат бележат најголем процент на жени членови и заменици. Тука спаѓаат Комисиите за образование, наука и спорт (61% жени); култура (55% жени); труд и социјална политика (67% жени) и здравство (55% жени). Доминација на пратеничките по бројност е најзабележлива во Комисијата за еднакви можности меѓу жените и мажите (85%). Од основањето на комисијата во 2006 година, просечната застапеност на жените е над 65%, и до сега сите претседатели и заменици на претседатели на оваа комисија се жени.

Ваквиот речиси константен распоред на пратеничките во собраниските комисии ја фокусира нивната одлучувачка моќ во областите дефинирани како „меки”, односно во комисиите кои ги опфаќаат услугите, негата, образованието, културата и социјалните прашања. Консеквентно на ова, отсуството на жените од комисиите кои одлучуваат во областите на одбраната, безбедноста, трговијата и економијата, подразбира намалена моќ за делување во овие домени, што значи дека одлуките во овие комисии се носат од страна на нивните колеги мажи.

За да се промени ваквата ситуација, потребно е да се обезбеди поголема застапеност на жените во претседателските структури и членството на комисиите кои делуваат во „тврдите“ области на одбраната, безбедноста, трговијата, економијата. И покрај тоа што Деловникот на Собранието предвидува дека утврдувањето на комисиите треба да биде во согласност со Законот за еднакви можности на жените и мажите, со што би се обезбедило еднакво учество на жените и мажите, сепак во пракса тоа не е случај. Ова би можело да се промени преку воведување на потранспарентен метод на избор на членови, прилагоден на нивните способности, разновидно работно искуство и преференции. Дополнително, потребни се и афирмативни мерки, преку кои ќе се дава предност на членство на жените, во случај кога нивните квалификации се исти со квалификациите на нивните колеги мажи. Зголемувањето на соработката на сите комисии со Клубот на пратенички во Собранието, исто така ќе придонесе кон вклучување на ставовите на пратеничките во одлуките кои се носат во комисиите каде нивната застапеност е мала.

 

Целосната анализа на застапеноста на жените во Собранието е достапна на следниов линк:

Суштинско или стерилно: Застапеноста на жените во собраниските состави на Република Северна Македонија (1991-2020)