Институт за демократија денеска одржа онлајн презентација на резултати од анкетата за работата на Собранието на Република Северна Македонија пред пратениците и претставници на службите на Собранието. Настанот се одржа во рамки на Програмата за парламентарна поддршка (ПСП) на Собранието на Република Северна Македонија, финансирана од Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ) преку Швајцарска Амбасада во Република Северна Македонија.

Директорот на НДИ, Роберт Скот Хејзлет, ја претстави Програмата за парламентарна поддршка пред учесниците  која со своите активности ги поддржува напорите на Собранието за независност, преку градење на консензус, структурни реформи и градење на капацитети во институционалниот развој.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, порача дека треба да се најдат повеќе начини како да се доближи Собранието до граѓаните. Една од алатките тоа да се направи е техничкото опремување на собраниското ТВ студио и збогатување на програмата на собранискиот канал, како и унапредување на можностите кои ги нуди собраниската веб страна.

Резултатите од анализата ги презентираа претседателот на ИДСЦС Марко Торшановски, и координаторката на Центарот за парламентарна поддршка и демократизација, Влора Речица.

Извештајот ги анализира перцепциите на граѓаните за работата на Собранието генерално, почнувајќи од довербата во Собранието во споредба со другите власти, информираноста за работата на Собранието, контрола и надзор на Собранието врз извршната власт, функциите на Собранието, јавноста во работата на Собранието, кого претставуваат пратениците во Собранието, собраниската дебата и реформите.

Теренската анкета реализирана од 17 февруари до 6 март 2020 година, потврдува дека генералната перцепција на граѓаните за работата на Собранието останува релативно непроменета во последните 3 години. Сепак, на скала од 1 – најлошо, до 5 – најдобро, граѓаните ја оценија работата на Собранието во 2019 со средна оценка 2,6, што бележи благ пад на скалата, споредено со изминатите 3 години.

Како најкарактеристично од работата на овој парламентарен состав, најголем дел од анкетираните граѓани го издвоија Договорот со Грција, Законот за употреба на јазиците како и Уставните промени кои произлегоа од Договорот со Грција. Телевизијата е најпопуларен канал за информирање меѓу граѓаните кога станува збор за работата на Собранието, додека Собранискиот канал и веб страната на Собранието, како официјални алатки за информирање на Собранието, остануваат целосно неискористени.

Перцепцијата на мнозинството граѓаните е дека Собранието не ја користи докрај својата уставна надлежност за контрола над Владата, односно сметаат дека Владата има поголема контрола над Собранието, отколку Собранието над Владата.

Мнозинството граѓани сметаат дека повеќето од пратениците не се подготвени да носат одлуки во име на граѓаните. Дополнително, половина сметаат дека излагањата на пратениците се малку или воопшто не се аргументирани. Кога станува збор за односот помеѓу пратениците, најголем дел од граѓаните го опишале како непријателски и имаат впечаток дека пратениците на седниците често или секогаш користат говор со кој ги омаловажуваат и деградираат своите колеги од други политички партии. Доминантен дел од анкетираните граѓани исто така сметаат и дека пратениците до некоја мера се зависни од волјата на лидерите на политичките партии од кои доаѓаат.

Граѓаните се согласни со тоа дека политичките кризи треба да се решаваат во Собранието, наместо на затворени средби меѓу раководствата на политичките партии. Анкетираните граѓани исто така сметаат и дека на здруженијата на граѓаните треба да им се овозможи поголема вклученост во работата на Собранието.

Резултатите од теренската анкета на македонски јазик може да ги погледнете тука:

Поглед на Собрание: Резултати од теренска анкета за перцепциите на граѓаните за работата на Собранието на Република Северна Македонија (17 февруари – 6 март 2020)

Резултатите од теренската анкета на албански јазик може да ги погледнете тука:

Vështrim i Kuvendit: Rezultate nga anketa në terren për perceptimet e qytetarëve për punën e Kuvendit (17 shkurt – 6 mars 2020)

Резултатите од теренската анкета на англиски јазик може да ги погледнете тука:

Parliament Watch: Results from the field survey on citizens’ perceptions about the work of Parliament (February 17th – March 6th, 2020)