Оваа анализа дава компаративен преглед на довербата која граѓаните на Северна Македонија ја имаат кон Собранието во однос на други демократски држави во светот. Анализата дава приказ и за тоа како оваа доверба е распоредена по различни социјални категории на граѓани и како перцепцијата на граѓаните за работата на Собранието се одразува врз нивната довербата во оваа институција.

Довербата на граѓаните во Собранието во Северна Македонија е најниска во последните четири години, и е помала во однос на довербата кон извршната власт.  Ваквиот пад на довербата на граѓаните во законодавната власт, упатува сериозен сигнал за суштинското практикување на демократичноста во нашата држава. Доколку мнозинството граѓаните имаат ниско ниво на доверба во своите демократски избрани претставници во Собранието, легитимитетот на оваа институција е доведен во прашање.

Довербата на граѓаните во Собранието е тесно врзана со нивната перцепција за работата на Собранието и неговата отвореност и вклучување на јавноста. Така граѓаните кои сметаат дека Собранието успешно ги извршува своите уставни функции и кои сметаат дека Собранието е отворено за учество на јавноста во неговата работа имаат највисока доверба во оваа институција. Соодветно, најниска доверба во Собранието имаат граѓаните кои сметаат дека законодавниот дома е целосно затворен за јавноста и е контролирано од страна на Владата.

Собранието мора да вложи сериозни напори за кревање на нивото на доверба на граѓаните. Ова може да се постигне преку унапредување на квалитетот на извршување на своите уставно одредени функции, пред се на надзорната функција; градењето и негувањето на близок и непосреден однос со јавноста; како и ставањето на групите со ризик од социјално исклучување во фокусот на својата работа.

Во насока на зголемување на довербата на граѓаните, Собранието исто така, треба да изгради и одржува близок и непосреден однос со јавноста. Граѓаните треба да имаат непречен и редовен увид во работата на Собранието, како и отворен канал за двонасочна комуникација со своите претставници.

Целата анализа можете да ја прочитате тука:

Граѓаните и Собранието на Северна Македонија: Доверба со стаклени нозе