Северна Македонија во моментов е во исчекување на дефинирањето на преговарачката рамка од страна на земјите-членки на Европската Унија. Доколку таа биде усвоена во ноември, се очекува првата Меѓувладина конференција да се одржи во декември и со тоа преговорите за членство во Европската Унија и официјално да започнат.

На патот кон полноправно членство, и покрај неизвесноста поради проблематизирањето од страна на Бугарија на македонскиот јазик, краткото име, македонското малцинство како некои историски прашања, државата мора навреме да се подготви за предизвикот за ефикасно и ефективно да ги спроведе пристапните преговори. За да се постигне оваа цел, а и за да се прилагодиме кон барањата од новата Методологија за пристапни преговори на ЕУ, потребно е да се ревидира постоечката преговарачка структура, која минатата година беше утврдена со седум одлуки на Владата, објавени во Службениот весник на Северна Македонија на 1 август, 2019 година.

Ова е неопходно, пред се поради усогласување со новата политичка логика на Методологијата за зајакнат процес на пристапни преговори, а во насока на изјавата на Заменикот на претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров, дека „преговарачката структура мора да биде јасно дефинирана со јасен мандат, без потенцијал за политичко двоумење и преклопување на надлежности“. Оттука, потребно е сплотување на надлежностите и улогата на главниот политички и главниот технички преговарач, или со други зборови, Институтот за демократија и Евротинк веруваат дека највисоката преговарачка функција треба да биде олицетворена во една личност и концентрирана во една институција, а тоа според сегашните законски решенија е Секретаријатот за европски прашања кој впрочем токму за тоа е и формиран и постои.

Понатаму, вицепремиерот додава дека „главниот преговарачки тим мора да биде мал и рационален збир на најдобрите со единствен критериум знаење, искуство и кредибилитет“. Институтот за демократија и Евротинк го поздравуваат предлогот за мал и високопрофесионален преговарачки тим, притоа истакнувајќи дека истиот треба да биде натпартиски, одржлив и отпорен на промени во власта и партиски влијанија.

Во таа насока, сметаме дека е дојдено вистинско време Заменикот на претседателот на Владата и Секретаријатот за европски прашања да преземат одлучни чекори кон ревидирање на преговарачката структура и комплетирање на преговарачкиот тим и работните групи за подготовка на преговарачките позиции, како би ја подготвиле државата за предизвиците кои стојат на патот кон членството во Европската Унија.

Реакција на Институт за демократија и Евротинк: Добра подготовка е половина успешна работа