Институт за демократија испрати реакција до Претседателот на Влада на Република Северна Македонија, Зоран Заев и Заменикот на ПВРСМ за борба против корупција, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски за именувањето на раководители на неколку јавни институции. Во прилог целата реакција интегрално.

Почитуван ПВРСМ г-дин Зоран Заев,

Во Институтот за демократија со разочарување ја примивме веста, објавена во медиумите, дека на наредната владина седница ќе почне именувањето на лица за раководители на неколку јавни институции. Сакаме да веруваме дека се работи за погрешна информација.

Граѓаните на Републиката го заслужуваат најдоброто од човечкиот потенцијал со кој располага земјата. Затоа, исклучително е важно при изборот на раководни лица, да се овозможи јавна и компетитивна процедура, каде ќе се пријават повеќе кандидати.

Само со натпревар, може да се пружи шанса на лица кои не се членови на политичка партија да имаат шанса да раководат со институција и да и помогнат на државата со своето знаење и стручност.

Само со јавност, односно со бележење на целиот процес на избор, за некој во целост да може да го испита, ќе ги уверите граѓаните дека се напушта принципот клучен фактор за вработување да е блискоста и лојалноста кон партијата.

На крај, ако сакате да го спречите иселувањето на најстручните, ќе им дадете шанса да се покажат и во земјава. Во спротивно, тие ќе си најдат друга земја каде ќе се ценат нивните вештини и знаење. Цената сите ќе ја платиме, со помалку квалитетни услуги за граѓаните.

Институтот за демократија ве потсеќа дека претходната Влада предводена од Вас, веќе почна процес на законски измени за да се обезбеди подобар избор на раководна служба. Но и без нов закон, Владата ги има сите инструменти за да направи правилен избор со јасни, јавни и фер процедури.

Очекувањата за подобро управување и напуштање на партискиот клиентелизам и патронажа се јасно искажани на повеќе места, вклучително и последниот извештај на Европската комисија. Именувањето според партиски и коалициски договори, ќе влијае негативно на следните оценки од граѓанското општество, Европската комисија, Сигма и други меѓународни евалуатори.

Граѓаните заслужуваат посветеност во исполнување на ветеното, и остварување на принципите на праведност и владеење на правото. Коалициските договори за именувања кои задираат во стручните ешалони на власта се во директна спротивност на овие принципи и се процес на поистоветување на партијата со државата.