Институтот за демократија во изминатиот период изработи три документи за јавни политики за надзорната улога на Парламентот во однос на борбата против корупцијата.  Трите документи се изработени во рамки на правата година од имплементацијата на проектот „Антикорупциски разговори со Парламентот“ кој се реализира со финансиска поддршка од Националниот фонд за демократија на САД.

Првиот документ за јавни политики (автор: Миша Поповиќ) се фокусира на улогата на Парламентот во процесот на европските интеграции. Овој документ го елаборира главниот придонес на Собранието во процесот на европски интеграции во делот на борбата против корупцијата, а исто така ја разгледува и улогата на Собранието во засилување на дијалогот помеѓу владата, опозицијата и останатите чинители, со цел да се обезбедат одржливи реформи.

Улогата на Собранието во европските интеграции: Антикорупција

 

Вториот документ за јавни политики (автор: Марко Панковски) го разгледува членството на Северна Македонија во НАТО како шанса за зајакнување за парламентарниот надзор. Оваа кратка студија ја исцртува (1) релацијата помеѓу НАТО и борбата против корупцијата, (2) фрла поглед на технологијата на процесот преку кој НАТО може да влијае врз зајакнување на надзорната улога на парламентите и нивната улога во борбата против корупцијата и (3) нотира добри практики на зајакнување на улогата на парламентите во борбата против корупцијата и доброто управување

Северна Македонија во НАТО: шанса за зголемена надзорна улога на Собранието

 

Со третиот документ (автор: Симона Младеновска) е направен преглед на надзорот на борбата против во регионот. Оваа компаративна анализа се занимава со една од превентивните мерки во борбата против корупцијата која е достапна во парламентарните демократии во регионот, односно се разгледуваат формите преку кои парламентот врши надзор над националните антикорупциски институции во Република Северна Македонија, Република Србија, Република Албанија, Република Косово, Република Црна Гора и Босна и Херцеговина.

Компаративен преглед на улогата на парламентите во антикорупциски надзор во регионот