Институт за демократија денеска организираше работилница „Парламентарен надзор над борбата против корупцијата“ организирана во рамки на проектот „Антикорупциски разговори во парламентот“ (“Anti-Corruption Talk in Parliament”) поддржан од Националниот фонд за демократија (National Endowment for Democracy – NED).

На работилницата учествуваа 17 пратеници, мнозинството од кои членови и заменици на Комисијата за политички систем и односи со заедниците.

Тимот на ИДСЦС ги образложи своите позиции зошто го гледа Парламентот како централна институција во борбата против корупцијата. ИДСЦС пред новите пратеници ги повтори своите заложби за практикувањето на надзорната улога на пратениците преку реализација на надзорна расправа над борбата против корупцијата.

Новите пратеници, особено оние на кои што ова им е прв мандат, ја оценија оваа средба како многу потребен форум за меѓусебна дискусија, бидејќи, како што забележаа, во условите во кои функционираат сеуште не биле во можност соодветно да си ги запознаат колегите, а со тоа и да добијат трансфер на институционална меморија.

Преку искажување на сопствените позиции околу оваа проблематика беше неспорно дека има консензус дека Собранието, кое го практикува само својот законодавен мандат без да го практикува надзорниот – само на пола ја завршило својата работа. Новиот пратенички состав е подготвен за практикување на својот надзорен мандат, штом се осигура дека ги поседува соодветните капацитети за тоа доследно да го реализира. ИДСЦС ги стави на располагање своите капацитети на пратениците во насока на градење на нивните и капацитетите на нивните асистенти на темата.

Соработката и дебатата во рамки на проектот „Антикорупциски разговори во Парламентот“ ќе продолжат во наредните 12 месеци.