logo

Реакција: Назначувањето на министрите и нивните заменици мора да ги земе предвид нивното искуство и стручноста 

Share on facebook
Share on twitter

Назначувањето на министрите и нивните заменици мора да ги земе предвид искуството и стручноста на поединците. Кандидатите мора да имаа стручност во ресорот во кој се предлагаат и/или барем претходно менаџерско искуство на политички одговорни функции. Продолжување на праксата на именување на некои кандидати по партиски заслуги го загрозува потенцијалот на државата (и тие министерства) да ги спроведат претстоечките преговори со ЕУ.

Во либералните демократии, кон какви што цели нашата држава, највисокиот ешалон – министрите и замениците се предмет на политички избор. Но без разлика на легитимната и легална политизираност на процесот, политичките партии имаат одговорност пред граѓаните и јавниот интерес.

Назначувањата на искусни кадри на политички функции е начин за политичките партии да покажат дека одговорно ја разбираат својата улога во креирањето на политики. Внатрепартиските кадровски политики треба да овозможат одговорно и визионерско политичко управување наместо коалициско тргување со распределени места.

Централната тема на реформите на институциите е човечкиот капитал (стручни и посветени луѓе на соодветни позиции). Институциите не може да успеат доколку не се вложи во наоѓање на најдобрите јавни службеници, раководители и функционери.

Реформските процеси се поплочени со низа предизвици за македонските институции. Република Северна Македонија ќе мора да изгради силни институции кои ќе може да се спротивстават на најразлични притисоци, да ги спроведат законите и да обезбедат квалитетни услуги за граѓаните.

Засилувањето на внатрепартиската демократија е важен чекор во поставувањето на кадри за највисоките политички функции. Таа треба да овозможи систем во кој квалитетните кадри во партијата ќе имаат можност да бидат назначени на високи политички функции и притоа да им биде доделена политичка одговорност и мандат за носење решенија кои се во интерес на граѓаните, министерството и владата наместо на политичката партија.

За тоа да се случи политичките партии треба да овозможат претходна политичка кариера на кадрите во ресорите каде тие се предложени. Тоа може да го направат низ политичка едукација во рамки на партиски школи, работа во ресорни партиски комисии, но истовремено, градејќи го јавниот профил на политичарите пред тие да заземат клучна министерска или заменичка функција. Во отсуство на ова, предложените кадри треба да имаат исклучително менаџерско искуство, кое ќе можат да го применат решавајќи комплексни задачи во министерството. На тој начин овие кадри ќе бидат подготвени да преземат извршна функција и успешно да раководат со министерството.

Дополнително на политичките назначувања, искуството и стручноста на поединците како принципи на управување треба да се пресликаат и во високата раководна служба како и во управните структури на јавните институции, како претпријатија, агенции, комисии итн. Иако донесувањето на Законот за висока раководна служба, како и измени на Законот за јавни претпријатија се клучната правна рамка за приближување кон овие заложби, сепак владата треба да покаже силна политичка волја дека е подготвена да се насочи кон назначување на квалитетни кадри на сите нивоа.

Поврзани објави