По формирањето на новата Влада, претстојат назначувања на раководни места во институциите и останатите државни органи. Овие кадри се клучни за обезбедување одржлива врска помеѓу политичкото и административното ниво на власта.

Претстојните назначувања мора да бидат ослободени од партиска припадност како основен критериум за назначување. Следните четири години се можност за Владата да ја промени перцепцијата кај граѓаните дека институциите се легло на партиски кадри кои немаат доволно квалитет да ги опслужуваат потребите на граѓаните и на државата.

Владата може веднаш да ја демонстрира заложбата за назначување врз база на компетенции.

Квалитетни кадри се предуслов за добро управување со институциите како и успешно спроведување на реформските процеси што претстојат. Работата на институциите е клучна во подобрување на квалитетот на живот на граѓаните, па тие очекуваат дека со нив ќе раководат најквалитетните кадри. Оттука, способноста и искуството на кандидатите треба да биде основниот критериум при назначувањето. Институциите мора да го оправдаат своето постоење, да ги остваруваат своите ингеренции и да му служат на јавниот, наместо на приватниот интерес на политичките и бизнис- елитите.

Истовремено, изборот на раководни кадри во администрацијата и јавниот сектор е неодминлив дел од реформата на јавната администрација. Овие реформи, на патот кон зачленување во Европската Унија се исклучително важни, и поставени во првата област (кластер) за која се преговара.

Затоа потребно е на секое ново назначување на раководен кадар да претходи оглас за работната позиција.

Исклучително е важно да се урамнотежи вреднувањето на резултатите од интервјуто наспроти квалификациите. Нерамнотежата во корист на интервјуто досега значеше можност во таа фаза послушниците да добијат исклучително повеќе поени и да се здобијат со предност.

Клучот за враќање на довербата на граѓаните за именувањето раководства во институциите е отвореност на процесот односно документирање на процесот со јасни образложенија како кандидатите стигнале до позицијата наспроти оние кои не биле избрани.

Целиот застапувачки документ на македонски јазик може да го прочитате тука:

Квалитет пред партиска припадност: Назначувањето раководители по изборот на новата Влада мора да се базира врз начелата на професионалност, искуство и знаење

Целиот застапувачки документ на албански јазик може да го прочитате тука:

Cilёsia para pёrkatёsisё partiake: Caktimi I udhёheqёsve sipas zgjedhjes sё Qeverisё sё re patjetёr duhet tё bazohet mbi parimet e profesionalizmit, pёrvojёs dhe diturisё.