Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ организираше онлајн конференција насловена како „Регионални искуства во парламентарен надзор на борбата против корупција“. На конференцијата петмина истражувачи од Црна Гора, Албанија, Бугарија, Србија и Босна и Херцеговина ги презентираа нивните регионални искуства од парламентарниот надзор врз антикорупциските тела.

Воведни зборови даде нашиот постар истражувач, раководител на Центарот за добро управување, Миша Поповиќ кој истакна дека надзорната улога на парламентите најчесто е формална, а во ретките случаи кога пратениците ја доведуваат во прашање работата на институциите, таа се фокусира само на посебни контроверзии, без да бидат извлечени системски лекции.

„Мнозинството и опозицијата не гледаат на надзорниот капацитет на националните парламенти како корисен форум од каде што ќе се врши легитимен политички притисок врз извршната власт – владата, регулаторите, независните тела и судството. ИДСЦС работи заедно со пратениците во собранието на Северна Македонија и нивните асистенти, во напорите за промовирање на надзорниот капацитет во областа на антикорупцијата. Парламентите се форуми за решавање на конфликти. Доколку се ефективни, тие ја прават политичката конкуренција израмнето поле за натпревар и го поттикнуваат учеството на сите актери. Доколку тие се неефикасни политичките актери ќе најдат други средства за решавање на конфликтите,“ рече Поповиќ.

Ана Џурниќ од Институт Алтернатива вели дека парламентот на Црна Гора има прецизно развиен механизам за контрола врз владата, но независните институции и агенции не се многу застапени во контролниот механизам на парламентот.

„Сметам дека контролните механизми никогаш не функционирале полошо отколку за време на мандатот на последниот пратенички состав. Парламентот долго време функционира само како гласачка машина на владата“, вели Џурниќ.

Во Албанија нема независна агенција која се занимава со антикорупција туку повеќе институции кои се занимаваат со висока корупција, потенцираше Бесјана Кучи од Институт за демократија и медијација од Албанија.

„Силна извршна власт не дозволува ефективен парламентарен надзор. Во Албанија парламентот е една од институциите на која граѓаните најмалку и веруваат. Ова создава недоверба и недостаток на легитимитет во активностите на парламентот и во активностите кои ги презема во борбата против корупцијата,“  рече Кучи.

Пристапот кон борбата против корупцијата во Бугарија не е систематски туку најчесто формален, а поради тоа веќе 54 дена се случуваат протести, вели Даниела Минева од Центарот за изучување на демократијата.

„Во националниот парламент зборуваме за антикорупција само кога таму се гласа за годишниот извештај на антикорупциската комисија. Извештајот за минатата година беше изгласан без некоја позначајна дискусија“, додаде таа.

Лука Глушац од Институт за филозофија и општествена теорија при Универзитет од Белград вели дека парламентот на Србија треба да ја гарантира независноста на Агенцијата за превенција од корупција.

„Во парламентот не беа дискутирани извештаите на антикорупциската агенција во четири последователни години од 2014 до 2017 година, за што Европската комисија реагираше дека таквото однесување преставува немање волја на парламентот да гарантира ефективна контрола врз Владата.“

Угљеша Вуковиќ од Транспарентност Интернeшнл од Босна и Херцеговина вели дека антикорупциската агенција има многу меки надлежности, а најважната и есенцијална улога и е во заштита на оние кои што ќе пријават корупција.

„Во парламентот има комисија чија надлежност е да ја надгледува работата на Агенцијата. Комисијата најчесто се состанува за назначување и разрешување на членовите на Агенцијата, а не за да разговара за тематски прашања поврзани со работата на Агенцијата,“ додаде Вуковиќ.

Конференцијата се одржа во рамки на проектот „Антикорупциски разговори во парламентот“ (Anti-Corruption Talk in Parliament) поддржан од Националниот фонд за демократија (National Endowment for Democracy – NED).