На почетокот на февруари 2020 година, Европската комисија ја претстави новата преговарачка методологија. Клучната новина е групирањето на поглавјата по кои претходните земји кандидатки преговараа, во т.н. „гроздови“ (clusters).

Причината за тоа е поврзаноста помеѓу поглавјата и потребата реформите да се дефинираат низ повеќе сектори, заеднички. Гроздот со најмногу предизвици е секако првиот, насловен како „Основи“ во кој влегува, меѓу другото и владеење на правото и борбата против корупцијата.

Во Северна Македонија кога зборуваме за овие две теми, зборуваме за еден несовладлив проблем. Како да постигнеме успех во борбата против корупцијата, кога имаме проблеми со владеење на правото. Како да ги осудиме корумпираните, доколку немаме независно правосудство. Како да очекуваме дека правдата ќе ги стигне корумпираните, ако тие може да ја купат својата слобода, или, уште полошо, доволно е да ги познаваат вистинските луѓе.

Проблемите со овие две области ја истакнуваат важноста на Собранието. Тоа стои наспроти двете власти со извршни овластувања – извршната власт со своите министерства и агенции и правосудната во процесот на приближување кон ЕУ. Дополнително, кон него одговараат и специјализирани институции кои се основани од него, како комисиите за спречување корупција и заштита на конкуренцијата, и низа други регулаторни тела.

Оттука, Собранието може да има клучна улога во производство на решенија видливи за граѓаните. А токму видливи резултати за граѓаните се изрично споменати како услов за приближување кон ЕУ.

Главниот придонес на Собранието во процесот на европски интеграции е обезбедување одржливост на реформите. Пратениците од една страна треба да обезбедат дијалог помеѓу власта, опозицијата и останатите засегнати страни околу стратешките насоки и развојот кој реформите треба да го обезбедат за граѓаните. Од друга страна, одржливоста се обезбедува и со постигнување успеси во реформите, што треба да е предмет на постојан собраниски надзор.

Целиот бриф за јавна политика може да го прочитате тука:

Улогата на Собранието во европските интеграции: антикорупција