Над 70% од граѓаните сметат дека избраните претставници во Собранието секогаш тргнуваат од своите лични или интересите на својата политичка партија, додека половина од граѓаните сметаат дека пратениците само понекогаш ги имаат предвид интересите на граѓаните (Слајд 8).

Ова го покажува анкетата за перцепциите на граѓаните и јавноста за работата на Собранието, која Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ ја спроведе  во периодот од 17 февруари до 6 март, во рамки на Програмата за парламентарна поддршка, помогната од Швајцарската агенција за развој и соработка.

Граѓаните како најкарактеристично од работата на овој Собраниски состав го издвоија усвојувањето на Договорот со Грција (20% и донесувањето на Законот за употреба на јазиците (16%). Уставните промени кои произлегоа од Договорот со Грција се најдоа на трето место (11%), а за Договорот со Бугарија се одлучија 8% од испитаниците (Слајд 4).

Според анкетата, над две третини од граѓаните се убедени дека во извршувањето на своите функции Собранието е до извесен степен контролирано од страна на Владата, и покрај тоа што уставната надлежност на законодавниот дом го предвидува токму спротивното, законодавниот дом да ја избере и да врши политичка контрола и надзор над Владата (Слајд 5).

Од друга страна, перцепцијата за учество на јавноста во работата на законодавниот дом, како еден од механизмите за поголема отчетност, транспарентност и одговорност на самата институција кон граѓаните е исклучително ниско. Само 5% од граѓаните одговориле дека некогаш се обиделе да учествуваат во работата на Собранието. Ова се должи пред се и на фактот што доминантен дел од граѓаните, над 80%, воопшто не се информирани како можат да се вклучат во работата на Собранието, додека половина од граѓаните имаат впечаток и дека Собранието до извесна мера е непристапно за учество на јавноста во неговата работа (Слајд 6 и 7).

Ваквата перцепција на граѓаните во однос на работата на Собранието е релативно константна во последните три години.

Граѓаните работата на Собранието во текот на последната година ја оценија со средна оценка од 2,6 на скала од 1 до 5 каде 1 е најлошо, а 5 најдобро. Овој резултат, покажува благ пад на средната оценка со која граѓаните ја оценуваат работата на Собранието, имајќи предвид дека минатата година граѓаните ја оцениле работата со 2,9, додека во 2018 со 2,7 (Слајд 9).

Прашани дали сметаат дека општо животот во Северна Македонија се движи во правилна или погрешна насока, половина од граѓаните одговориле дека животот во државата се движи во погрешна насока, додека 38% сметаат дека се движи во правилна насока. Најголеми песимисти во однос на ова прашање се граѓаните од источниот регион во државата (Слајд 10 и 11).

Во однос на довербата на граѓаните во институциите, Претседателот на државата ужива највисока доверба меѓу граѓаните, споредено со Владата, Собранието и Судството. На скала од 1-најмалку до 10-најмногу, граѓаните довербата до Претседателот на државата ја оцениле со 4,6, по неа следат Владата (4,1) и Собранието (4) и со најниска доверба го оцениле судството со 3,1 (Слајд 12).

Програмата за Парламентарна Поддршка (ПСП) ги поддржува напорите на Собранието на Република Северна Македонија за поголема независност преку градење консензус, структурни реформи и градење на капацитетите во институционалниот развој на Собранието; во неговите законодавни и надзорни улоги; како и во неговата институционална транспарентност и отчетност.

ПСП се спроведува од страна на Националниот демократски институт, Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје и Центарот за управување со промени, за поддршка на стратешкото планирање на Собранието; за реформи во управувањето со човечките ресурси; за подобрена проценка на влијанието на регулативата и процесите за јавни набавки; за посветеност кон отворени податоци и преку мерењето на јавното мислење и следењето на напорите за реформи, вклучително и за поголемо граѓанско ангажирање во процесите на креирање политики.

Резултатите од теренската анкета може да ги погледнете тука:

Резултати од теренска анкета за перцепциите на граѓаните за работата на Собранието на Република Северна Македонија