Редовна контрола на финансирањето на политичките партии вршат Државниот завод за ревизија и Државната комисија за спречување корупција.

Иако политичките партии се обврзани, по завршувањето на секоја календарска година, своите финансиски извештаи да ги достават до Државниот завод за ревизија, истиот не е задолжен да врши редовна контрола и ревизија на финансиското работење на политичките партии. Тоа претставува и главен проблем, бидејќи финансиските извештаи на политичките партии може воопшто да не подлежат на контрола доколку Државниот завод за ревизија не одлучил да изврши контрола согласно својот годишен план за ревизија.

Ваквата поставеност на системот за контрола остава доволно голем простор за корупција и незаконско финансирање на политичките партии и на нивните активности. ДКСК, пак, од друга страна, може да изврши контрола врз финансиското работење на политичките партии, но, исто така, не е обврзана да го прави тоа на годишно ниво.

Овие недостатоци во системот ги ставаат политичките партии во многу комотна позиција, бидејќи процесот на контрола на нивното финансиско работење е прилично слаб, додека казните за незаконско финансирање на политичките партии се многу мали.

Потребни се промени, пред сè во делот на контролата на финансиското работење на политичките партии, со најголем акцент на контролата на донациите.

Треба да се направат законски измени во Законот за финансирање политички партии каде што Државниот завод за ревизија ќе врши контрола на донациите на годишно ниво заедно со ревизијата на годишните финансиски извештаи на политичките партии.

Промени треба да се направат и во Законот за спречување корупција и Изборниот законик во делот на временските рокови за достава на финансиските извештаи со казнени одредби во меѓусебна спрега и треба да се усогласат со соодветни измени.

Државниот завод за ревизија, во соработка со ДКСК и УЈП треба да развие систем за контрола на потеклото на средствата кои се уплатуваат во вид на донации, со што уште повеќе ќе се намали просторот за корупција и незаконско финансирање на политичките партии.

Целиот бриф за јавна политика можете да го прочитате на следниот линк:

Истражување на тема: Проблемите во финансирањето на политичките партии