Среде несигурноста и пресвртот на тековната криза предизвикана од Ковид-19, шефовите на држави и влади на земјите-членки на ЕУ и државите од Западен Балкан се состанаа виртуелно на 6-ти мај, 2020 за да го одржат онлајн Самитот за Западен Балкан ко-организиран од Европскиот совет (предводен од Шарл Мишел) и Европската комисија (претставена од Урсула фон дер Лејен) во рамки на хрватското претседателство со Советот на ЕУ (претставено од премиерот Андреј Пленковиќ).

Тоа што Самитот – кој следи по Самитот во Софија од 2018 и претставува клучен прироритет на Претседателството – е организиран, и покрај овие непредвидливи услови, мора да биде препознаено како важен сигнал за посветеноста на европската перспектива на Западен Балкан. Оттука, не треба да изненадува Декларацијата на Самитот, која става акцент на сегашниот контекст на глобална пандемија и која „ја повторува нашата [на ЕУ] цврста солидарност со нашите партнери во контекст на кризата со коронавирусот“. Во таа насока, лидерите на ЕУ ја сигнализираа споделената судбина со Западен Балкан вклучувајќи ги шесте држави во механизмот за одговор на кризи, меѓудругото и преку пакет од преку 3.3. милијарди евра финансиска помош за регионот во борбата против Ковид-19 и неговите последици за општествата и економиите. „Во добри и лоши времиња“ е мотото преку кое лидерите од ЕУ сакаат да ја изразат нивната заложба за заедничка европска иднина.

Сепак, имајќи ги предвид претходните самити на ЕУ и Западен Балкан (Загреб 2000, Солун 2003 и Софија 2018), ИДСЦС очекуваше дека јазикот употребен во Декларацијата од Загреб од 2020 ќе ја следи линијата на посилна посветеност како онаа во последниот допис на Комисијата од 2020, за интеграциските напори на регионот. Декларацијата само ја “повторува недвосмислената поддршка за европската перспектива на Западен Балкан“. Нам нѝ преостанува да размислиме дали новата методологија за пристапни преговори, неодамна усвоена и поддржана од сите земји-членки, особено имајќи ја предвид позитивната одлука на Европскиот Совет за отворање на пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија, е доволен сигнал за нашата јасна перспектива.

И покрај очекувањата на ИДСЦС, нема повикување и објаснување на заложбата за редовни самити за Западен Балкан наведени во новата методологија за проширување, ниту временската рамка 2025 предвидена во кредибилната перспектива за проширување од 2018, шестте водечки иницијативи (зајакнато владеење на правото, зголемена поддршка за општествено-економски развој, дигиталната агенда, зајакнато учество во прашањата од безбедноста и миграциите, зголемена поврзаност и поддршка за помирувањето и добрососедските односи), како и Агендата на приоритети од Софија. Најавата за следен Самит на ЕУ и Западен Балкан на секои две години, како што е случајот со Декларацијата од 2018 од Софија или во линија во новата методологија (редовни самити на ЕУ и Западен Балкан), недостасува. Самитот во Загреб ќе беше можност за земјите-членки да го покренат најавеното политичко управување и вклучување на високо ниво во процесот.

За навистина да ја изразат искрената посветеност кон европската перспектива на Западен Балакан, поврзување на овој и претходните самити и ветувања е неизбежно и тоа мора да биде вклучено во општата дебата за „Иднината на Европа“. Всушност, конференцијата за иднината на Европа, организирана од потпретседателката на Европската Комисија за демократија и демографија, Хрватицата Дубравка Шуица, ќе биде половична доколку во неа не се вклучени идните членки.