Појавата на COVID-19 во светот влијае истовремено врз сите земји – развиените држави и државите во развој како што е Република Северна Македонија. При справувањето со вакви кризи приоритет е борбата за зачувувањето и заштитата на човечкиот живот. За сметка на ова, неретко надзорот паѓа во втор план, иако ризиците по доброто управување, владеењето на правото и корупцијата се зголемуваат.

Во услови на вонредна состојба, Владата добива овластувања да носи уредби со законска сила. Неретко, постои впечаток дека претставничките домови, во вонредна состојба не работат, поради две причини: се мисли дека ургентноста во вонредна состојба ги прави парламентите бавни и непотребни; се мисли дека трансферот на законодавната сила кон извршната власт привремено ја исцрпува потребата од собранието. Меѓутоа, овие мислења се неточни.

Во вонредна состојба Собранието има суштинска улога да оствари две цели.

Првата цел е да обезбеди надзор врз извршната власт. Политичките процеси на носење одлуки во вонредна состојба се разбирливо забрзани. Оттука и трансферот на законодавни компетенции кон Владата. Меѓутоа, поделбата на власта не е укината во вонредна состојба. Напротив, претставничкиот дом и судската власт имаат важна улога во спречување на потенцијални пречекорувања и злоупотреби, особено имајќи предвид дека во вонредна состојба се ограничуваат права, постапките се итни и со помалку вградени механизми на контрола.

Секако, Собранието има основано независни и регулаторни тела кои во оваа вонредна состојба би можеле да го прават надзорот. Меѓутоа, директното учество на пратениците во надзорот и контролата ја остварува втората цел – преговарање и обезбедување консензус помеѓу политичките актери.

Состојбата во која вонредната состојба беше прогласена со техничка влада во која има претставници на опозицијата е коинциденција. Во некои други услови, тоа можеби нема да биде така, па ќе се појави потреба од формално место на вклучување на опозицијата. Советот за безбедност не е таков форум, а лидерските средби ги исклучуваат претставниците на граѓаните од процесот на носење одлуки и на долг рок имаат негативен ефект врз демократските процеси.

Оттука, Собранието е форумот каде што се гради консензусот во услови на вонредна состојба преку овозможување на опозицијата да ја извршува својата надзорна улога, што повлекува процес на преговарање меѓу мнозинството и опозицијата за политичките одлуки. Уставната улога на Собранието не смее да биде суспендирана поради вонредните услови и важно е пратениците да продолжат со вршење на својата работа во согласност со безбедносните мерки, како што тоа го прават нивните колеги од 22 европски земји.

Мемото за јавна политика на англиски јазик може да го прочитате тука:

Parliament in the time of COVID-19

Мемото за јавна политика на албански јазик може да го прочитате тука:

Kuvendi në kohën e COVID-19

Проектот „Разговор за борбата против корупцијата во Собранието“ (Anti-CorruptionTalkinParliament (ACT in Parliament)) вклучува истражувачки и застапувачки активности со примарна цел – поддршка на реформскиот процес во Северна Македонија преку засилување на надзорната улога на Собранието во однос на борба против корупцијата.
Проектот е поддржан од страна на Националниот фонд за демократија (National Endowment for Democracy – NED) од Соединетите Американски Држави. За содржината одговорен е ИДСЦС и во никој случај не ги отсликува ставовите на Националниот фонд за демократија (National Endowment for Democracy – NED).