Институтот за демократија смета дека Собранието на РСМ мора повторно да се состане за да констатира дали постојат услови за вонредна состојба. Оваа одлука мора да ја донесе законодавното тело кое го претставува суверенитетот на граѓаните.

Вонредната состојба не одредува конкретни мерки кои треба да се спроведат, туку нуди основа за постапување на извршните органи (Владата) во која има широки можности за постапување кои носат и големи ризици.

Во последниот период, Владата носи уредби со законска сила, кои ограничуваат права на граѓани како мерки против епидемијата. Во такви услови, граѓаните заслужуваат нивните претставници да се вклучат во носењето на одлуките, како контратежа на извршната власт, а со цел обезбедување дека секое ограничување на права е резултат на крајна нужност, но и дека постојат механизми за контрола. Собранието треба навремено да реагира и да спречи можни повреди на човековите права, злоупотреба на службена должност од страна на органите на извршната власт и да обезбеди владеење на правото. Се работи за елементарен принцип на поделба на власта, кој мора да биде испочитуван за да не настане преседан за идни недемократски тенденции.

Собранието може да се состане

 Според Одлука на Уставниот суд бр. 104 од 2016 утврдено е дека  пратениците не можат повторно да заседаваат по одлуката за самораспуштање, освен во услови на воена или вонредна состојба (член 63, став 4). Согласно на ова, во моментов исполнет е единствениот услов според кој Собранието може повторно да заседава во случај кога претходно се самораспуштило. Според собранискиот деловник седница може да свика Претседателот на Собранието, или тоа да го побараат 20 пратеници, Владата или Претседателот на Републиката (член 67). Во услови на физичко дистанцирање и забрана за собирање во групи Собранието може да заседава и онлајн што е пракса воспоставена од законодавните домови во многу европски и светски држави.

Собранието ги штити своите граѓани во услови на вонредна состојба

Според членот 125 од Уставот одлуката со која се утврдува постоењето на вонредна состојба се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници и има важност најмногу 30 дена. Ако Собранието не може да се состане, одлука за постоење (или во нашиот случај продолжување на вонредна состојба) донесува претседателот на Републиката и му ја поднесува на Собранието на потврдување штом тоа ќе е во можност да се состане. Според членот 126 од Уставот “Овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила трае до завршувањето на воената или вонредната состојба, за што одлучува Собранието.“