Сигурно сте слушнале за стратешко планирање, сте го изучувале или пак редовно преку него ги одредувате целите на вашата компанија или организација. Но, дури и да не сте слушнале, во оваа вонредна состојба во која што се наоѓа државата, добро е да се знае дека стратешкото планирање и управување дава основа во која насока треба да се движат и јавните претпријатија.

Стратешкото планирање во јавните претпријатија овозможува полесно и непречено обезбедување на јавните услуги за граѓаните дури и во вонредни или кризни услови. Тоа е основата која што ја дефинира насоката на работењето на претпријатието, со централен фокус на иднината и од тој аспект е исклучително важен дел од управувањето на претпријатијата.

Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје (ИДСЦС) изврши истражување на оваа тема како дел од проектот „Кон подобро управување во државните претпријатија и независните тела” (Improved good governance of state owned enterprises and independent state bodies), којшто е финансиран од Обединетото Кралство преку Владата на Обединетото Кралство.

Резултатите од анализата покажуваат дека 40% од јавните претпријатија немаат стратегија за работа, ниту пак јасни цели кои што треба да ги постигне претпријатието во текот на годината. Оние претпријатија кои што имаат изработено стратегија, во најголем број имаат донесено документ кој што е програма за работа за една година и не претставува стратегија.

Само девет јавни претпријатија имаат стратегија на повеќе години. Дефинирање стратегија на претпријатието е една од основните активности при поставување на целите на претпријатието. Немањето дефинирана стратегија придонесува за немање јасно дефинирани бизнис цели во работењето и недостиг на фокус при нивно остварување.

Над половина од претпријатијата опфатени во истражувањето (56%), спроведувањето на стратегијата го прават без системски донесен акциски план, со што значително се намалува можноста за постигнување на целите дефинирани во стратегијата.

Анализата на ИДСЦС покажува дека стратегија изработуваат само јавните претпријатија кои што имаат законска обврска од регулаторното тело и тоа само во деловите на претпријатието кое е регулирано од некој регулатор.

Оценувајќи ги посебно областите, ИДСЦС во истражувањето заклучува дека стратешкото управување е помеѓу послабите практикувани области во управувањето на јавните претпријатија. Иако активностите и стандардите не се законски регулирани, сепак стратешкиот план претставува документ со којшто во организацијата се комуницираат организациските цели, како истите да се постигнат, како и сите останати критични елементи од планирањето во рамките на организацијата.

Целата анализа за стратешкото управување во јавните претпријатија може да ја прочитате на веб-страницата на ИДСЦС https://idscs.org.mk/mk/2020/04/07/анализа-на-внатрешни-процедури-и-проц/.