Досегашните резултати отвораат дилема дали можеби Антикорупциска комисија вложува голем дел од своите ресурси на случаи каде што последиците од корупцијата се мали, наместо да се фокусира на високи случаи на корупција и на системски проблеми кои овозможуваат јавно доверената моќ да се злоупотребува за лични и партиски цели. Целта на оваа студија е да навлезе во анализа на резултатите од работењето на ДКСК, да ги воочи слабостите и да понуди конкретни предлози кои ќе овозможат Комисијата да биде поефикасна во своето идно работење.

Државната комисија за спречување на корупцијата во своето работење во 2019 година вложила поголеми напори во спречувањето и санкционирањето на судирот на интереси, отколку на корупцијата.

Уделот на предмети оформени по сопствена иницијатива на ДКСК е исклучително мал и изнесува 8%. Кај предметите за корупција уделот на предмети оформени по сопствена иницијатива на ДКСК изнесува 3%, додека кај предметите од областа на судирот на интереси уделот е поголем и изнесува 15%.

Сомнежот за корупција, односно постоење на судир на интереси е евидентиран во секој 10-ти затворен случај од страна на ДКСК. Со тоа што кај иницијативите за утврдување одговорност на службено лице до надлежните институции доминираат предмети за вработувања во јавниот сектор се наметнува оценка дека ДКСК голем фокус во своето работење посветила токму на проблемот со злоупотреба на функциите за вработување на блиски луѓе до партиите на власта.

Недостига јасен фокус на ДКСК кон големите случаи на корупција што е можеби и за очекување, ако се знае дека Комисијата нема методологија за избор на предметите што би овозможила давање приоритет на случаи на висока корупција.

Констатираните слабости ја наметнуваат потреба ДКСК во иднина да работи на зголемување на својата ефикасност и насочувањето на сите можни ресурси кон видливи резултати.

Целата анализа можете да ја прочитате на следниот линк:

Зголемување на ефикасноста на работењето на ДКСК