Oвие тешки моменти, кога во светот владее пандемијата на COVID-19, сепак може да се искористат за да се извлечат поуки за работењето на институциите од јавниот сектор кои доставуваат услуги, а најмногу јавните претпријатија. Пандемијата предизвикана од новиот коронавирус ќе го одреди нашето општествено живеење години нанапред, а со тоа и процедурите кои ќе спречат појавување на нова зараза. Ако светот не ја научи лекцијата со SARS во 2003 година сигурно ќе ја научи во 2020.

Оттука, институциите ќе мора да направат ревизија на постоечките правила и пракси при системите за достава на услуги за да се обезбеди остварување на две цели: првата е како тие автономно да се интегрираат во управувањето со кризи, а второ е како да се спречи појавувањето на нова пандемија.

Најпрво, при менаџирање на следната криза, потребно е правилата, процедурите и плановите однапред да бидат изработени за да не мора кризниот штаб да микроменаџира процеси. Типичен пример е јавниот сообраќај, кој се намали поради намалената динамика на патници, што беше обратно од посакуваната цел на зголемување на просторот помеѓу луѓето кои го користат. Во иднина секој субјект на јавните услуги треба однапред да знае како да постапува во зависност од типот на кризата.

Меѓутоа, тоа што е поважно од спремноста да се делува координирано во криза, е да се намалат ризиците од појава на нова. Ова значи дека во низа области, давателите на јавни услуги, а најмногу јавните претпријатија ќе треба да го редизајнираат процесот за да ги вгради правилата на социјално дистанцирање и хигиена.

Широко е распространето верувањето дека „скокот“ од животно на човек, вирусот го направил на пазар на диви животни. Ова тврдење не е потврдено, но без разлика на тоа, иднината на отворените пазари низ светот ќе биде диктирана од далеку построги правила на хигиена. Кај нас е потребно санитарната контрола и јавните претпријатија кои управуваат со пазарите да работат на примена на најновите правила кои ќе произлезат во светот а кои ќе ја уредуваат оваа проблематика. На иста линија треба да биде и собирањето и одлагањето на смет, кое треба постојано да ги штити вработените, но и околината од ширење на патогени.

Јавниот транспорт ќе претрпи најголеми промени во светот. Социјалното дистанцирање, како нова норма на контакт со (не)познати, има поинакви потреби за јавната услуга каде корисниците типично имаат најблизок контакт. Тоа ќе значи инвестиции во обемот на јавен сообраќај, за да се намали бројот на патници по возило.

Накратко, јавните претпријатија имаат предизвик како да уредат нови правила за да идната криза ја поминат подобро. Центарот за управување со кризи, мора да го менаџира процесот и да им помогне да бидат спремни за во иднина, со однапред разработени процедури и улоги.

Меморандумот за јавна политика на албански јазик може да го прочитате тука:

Çfarë mund të mësojë sistemi për shërbime publike nga pandemia?

Меморандумот за јавна политика на англиски јазик може да го прочитете тука:

What can the public service system learn from the pandemic?

Проектот „Кон добро управување  во државните претпријатија и независните тела“ е насочен кон унапредување на управувачката култура кај јавните претпријатија и независните тела.

Проектот е финансиран од страна на UK aid од Владата на Обединетото Кралство. Наведените мислења не значи дека ги одразуваат официјалните ставови и политики на Британската Влада.