Анализата на внатрешните процедури и процедуралните празнини за следење на перформансот на менаџментот во јавните претпријатија со препораки за подобрување се спроведува втора година по ред и е направена во првиот квартал од 2020 година со јавните претпријатија во Република Северна Македонија. Целта на оваа анализа, како и на анализата направена во 2019 година е оцена на внатрешните процедури и воочување на процедуралните празнини за следење на перформансот на менаџментот, како и препораките за да се подобри соодветно работата и процедурите од аспект на утврдени меѓународни практики и стандарди за добро управување.
Податоците од истражувањето покажуваат дека од 46 јавни претпријатија само 9, односно само 19,56% имаа воспоставено политика за корупција што покажува дека нивото на спроведување е многу ниско, иако се бележи процентуален раст од минатата година. Сепак, истражувањето покажува дека компаниите не се информирани и не ја препознаваат вредноста и потребите од воспоставување политика за спречување корупција во јавните претпријатија. Дополнително тие што одговориле дека имаат донесено политика за спречување корупција, само едно претпријатие го има наведено правилниот документ. Сите други навеле документи кои не се соодветни на предметот на документот. Тоа е исклучително низок резултат за активност која претставува основа за градење систем за спречувањето на корупцијата и таа обврска постои подолг временски период.
83,68% од јавните претпријатија одговориле дека немаат назначено лица за пријавување корупција т.е. во најголемиот дел. Индикативно е дека во само 8 од нив имаат назначено лице, но тие 8 јавни претпријатија не се поклопуваат со оние 9 јавни претпријатија кои одговориле дека имаат воспоставена политика за антикорупција и го навеле документот. Ова покажува дека и кај тие кои барем формално имаат воспоставена политика за спречување на корупцијата, кај нив системот не функционира бидејќи недостига значаен елемент, односно лице за пријавување. Кај другите покрај немањето формален механизам, политиката за спречување корупција, јавните претпријатија немаат спроведено ниту парцијални делови на политиката, ниту имаат практики кои вообичаено треба да помогнат во таа насока. Видливо е отсуството и на елементи кои овозможуваат воспоставување систем и политика за спречување корупција, како на пример посебна канцеларија за назначеното лице, бидејќи од осумте претпријатија кои имаат назначено лице, само две лица работат во изолирана канцеларија од другите вработени.
Наодите покажуваат дека основните елементи и барањата на системот за спречување корупција во јавните претпријатија, кај најголем дел од нив не е поставен. Состојбата, според анализата се должи поради неинформираност и поради непрепознавање на ползата од воведувањето на системот за спречувањето на корупцијата кој треба да ги постави основните механизми и фокусот на активности во јавните претпријатија, со кои ќе се спречи појавата на корупцијата, односно ќе се обесхрабрат вработените да преземаат активности кои се поврзани со корупцијата.
Целата анализа можете да ја прочитате тука: