Користејќи го Индексот за квалитетот на дебатата како инструмент, Институт за демократија ја набљудуваше буџетската расправа во Комисијата за финансии и буџет. Генерално може да се заклучи дека дебатата од првиот ден беше интензивна со голем интерес за дискусија, чести реплики, контра-реплики и повремени дофрлувања од место.

Во рамките на расправата забележани се вкупно 370 јавувања за збор. Поактивни во буџетската расправа беа пратениците со (86%), наспроти (14%) на надворешните членови.

Високиот процент на реплики (37%) и контра-реплики (34%) покажува задоволително ниво на интеракција и размена на ставови помеѓу учесниците во дискусијата, што ја потврдува значајноста на темата на дневниот ред

Од пратениците најмногу за збор се јави пратеникот Трајчо Димков и тоа со 8 јавувања за говор, 4 реплики и 7 контра-реплики. Илија Димовски за говор се јави 4 пати, реплицира 6 пати и имаше 8 контра-реплики. По нив следуваат пратениците: Ејуп Аљими, Јагода Шахпаска, Ѓоко Камчев и Диме Велковски со по вкупно 12 пати јавување за говор, реплика или контра-реплика.

Според степенот на аргументираност на буџетската расправа, произлегува дека дискусијата најчесто е слабо аргументирана 39%. Тоа значи дека образложението на говорниците не било доволно поткрепено со факти за да се смета како издржан аргумент.

Дополнително, на незавидно ниво е и промената на ставот на учесниците како резултат на посилен аргумент на другите говорници. Во оваа расправа, промена на ставот како резултат на посилен аргумент се случи само два пати. Ова укажува на фактот дека пратениците се значително ригидни кога станува збор за прифаќање и одреден степен на отвореност за исправноста на аргументите од спротивната страна.

Целата анализа може да ја прочитате тука:

Анализа на комисиската расправа за буџетот за 2020 година: Како се дебатираше во матичното работно тело?