Собранието треба да биде централната институција во борбата против корупцијата. Во прилог на ваквото тврдење е фактичката поставеност на националната легислатива според која Собранието врши избор и именување на лицата во клучните институции за борбата против корупцијата. Затоа е важно Собранието да ја засили својата улога и да врши редовен и длабински надзор на работата на овие институции.

Нужно е Собранието да направи сè за што е надлежно, согласно ингеренциите. Собранието има клучна улога постојано да иницира засилување на регулативата и со тоа да го стеснува просторот за коруптивно дејство. Донесувањето на релевантната законска рамка треба да биде направено транспарентно и во консултација со засегнатите страни.

Последниот парламентарен состав даде свој придонес во борбата против корупцијата. Тоа беше демонстрирано во неколку наврати преку донесувањето на Законот за борба против корупцијата и судирот на интереси, изборот на актуелниот состав на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК), како и распределувањето на зголемени буџетски средства за непречена работа на ДКСК. Во таа насока, од следниот парламентарен состав се очекува да ја продолжи и унапреди улогата на Собранието и да придонесе кон дополнителна проактивност.

Следниот парламентарен состав ќе биде исправен пред неколку предизвици во оваа насока. Најпрво, да продолжи со реформските процеси кои последниот парламентарен состав не успеа да ги спроведе, како донесувањето на законот за висока раководна служба и усвојувањето на квалитетен текст на Национална стратегија за борба против корупцијата и судир на интереси 2020-2024. На усвојувањето неминовно треба да му претходи јавна расправа која ќе отстапи место за сите засегнати страни, особено институциите за кои произлегуваат обврски од текстот на Стратегијата. Впрочем, јавните расправи треба да станат пракса, наместо отстапка во работата на Собранието.

Собранието ќе треба да работи на воспоставување континуитет на одржување надзорни расправи за борба против корупцијата. Праксата на континуитет на надзорните расправи ќе изгради навика на редовно известување од страна на институциите. Редовната отчетност на институциите ќе придонесе кон нивна поголема подготвеност за известување и ќе испратат сигнал кон другите чинители дека борбата против корупцијата е континуиран процес во кој Собранието е заинтересирано за резултати. Ваквата пракса ќе им обезбеди подготвеност на сите заинтересирани страни да соработуваат со Собранието и да придонесат во овој процес.

Почетокот на преговорите со Европската Унија ќе создаде дополнителни очекувања од Собранието да се наметне како клучен актер во борбата против корупцијата, особено во  надзорот на реформските процеси клучни за напредок во преговорите.

Мемото за јавна политика на англиски јазик може да го прочитате тука:

The change of Parliament’s composition must not change the commitment to fight against corruption

Мемото за јавна политика на албански јазик може да го прочитате тука:

Ndryshimi i përbërjes së Kuvendit të mos e ndryshojë përkushtimin në luftën kundër korrupsionit

Проектот „Разговор за борбата против корупцијата во Собранието“ (Anti-Corruption Talk in Parliament (ACT in Parliament)) вклучува истражувачки и застапувачки активности со примарна цел поддршка на реформскиот процес во Северна Македонија преку засилување на надзорната улога на Собранието во однос на борба против корупцијата.
Проектот е поддржан од страна на Националниот фонд за демократија (National Endowment for Democracy – NED) од Соединетите Американски Држави. За содржината одговорен е ИДСЦС и во никој случај не ги отсликува ставовите на Националниот фонд за демократија (National Endowment for Democracy – NED).