Институт за демократија „Социетас Цивилис“ во соработка со Европскиот совет за надворешни односи канцеларија Софија, од 8 до 10 март го организираше третиот Тинк Тенк Форум Западен Балкан со наслов  „Стимулирање на стратешка автономија. Придонесот на Западен Балкан за заедничка европска иднина“.

Форумот кој траеше три дена е дел од програмата на ко-претседателството на Северна Македонија и Бугарија со Берлинскиот Процес во 2020 година.

За време на настанот, на осум панел дискусии експертите разговараа за различни предизвици на европската интеграција, вклучувајќи прашања за економска и социјална конвергенција, еколошки проблеми, владеење на правото и хибридни закани.

Експертизата на претставниците на тинк-тенк заедницата треба да ги инспирираат и охрабрат владите да преземат амбициозни чекори кон заедничка европска иднина.

Форумот на 8 март го отвори претседателот на ИДСЦС, Марко Трошановски, кој рече дека земјите од Западен Балкан се составен дел од Европа и треба да се сметаат за сериозни партнери во европските прашања.

„Иднината на ЕУ и Западен Балкан се неразделно поврзани, поради што предизвиците, како што се прашањата од животната средина, миграцијата и прашањата за безбедноста, мора да бидат решени заедно преку заеднички и унифициран пристап. Агендата и сеопфатниот наратив на Тинк Тенк Форумот 2020 го препознаваат Западен Балкан како рамноправен партнер на масата на ЕУ. Само заедно, Европејците можат да работат кон целта на стратешката автономија, што ја истакнуваме како посакувана идна стратегија за улогата на ЕУ во светот. Предизвиците и промената на глобалните структури бараат силен и унифициран наратив од ЕУ, засилен со  политичка волја и материјални капацитети. Само ако се обедини во наративот и дејствувањето, ЕУ може со сигурност да влијае на глобалните динамика“, рече Трошановски.

Контекст на форумот обезбеди Штефан Лене, вонреден професор на Carnegie Europe во Брисел и алумни на Europe’s Futures. По отворањето на Форумот претставниците на тинк-тенк заедницата дебатираа на панел дискусиите „Нов зелен договор“ и „Економска и социјална конвергенција“.

Теми на вториот ден на Форумот беа миграција, безбедност/ хибридни закани, владеење на правото и иднината на Европа. На крајот на вториот ден од Форумот, свое излагање имаа министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Никола Димитров и министерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева.

Димитров потенцираше дека случајот на Северна Македонија ја става Европската Унија на голем тест.

„Првото Заедничко претседателство со Берлинскиот процес претставува можност да го вратиме фокусот на нас. Сметам дека имаме силен случај, а со новата методологија и позитивниот извештај на Европската комисија ги имаме сите состојки потребни за успех и за отпочнување на преговори со ЕУ”, рече Димитров.

Захараиева истакна дека треба да се искористи приликата пред самитот во Загреб кога толку многу земји членки даваат поддршка на проширувањето.

„Во Бугарија имате еден од најсилните поддржувачи на европските перспективи за Западен Балкан. Навистина се надевам дека во март ќе има одлука за Албанија и Северна Македонија за почеток на пристапните преговори. Новата методологија е добар предлог од Европската Комисија кој се уште не е усвоен, но тоа не треба да биде искористено како аргумент за одложување на одлуката за почеток на преговорите“, рече Захариева.

На третиот ден од Форумот учествуваа министри за надворешни работи и други државни претставници од Западен Балкан и земјите на ЕУ вклучени во Берлинскиот процес кои се осврнаа на темите дискутирани на првиот два дена од Форумот.  Првата панел дискусија на последниот ден од Форумот беше посветена на владеење на правото, миграција и безбедност/хибридни закани. Втората панел дискусија Иднината на Европа даде осврт на темите поврзаност, животна средина и економска конвергенција.